Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска изјави дека нема проблем со Законот за државјанство и апелираше да не создаваме фама дека имаме проблем со ова законско решение.
– Околу 560 граѓани во Северна Македонија коишто немаат државјанство аплицирале досега, сите други граѓани се граѓани коишто не живеат во Северна Македонија, а аплицирале за наше државјанство. Таа процедура можеби е забавена, и таа постапка не е преку МВР. МВР ги прибира податоците, согласности, мислење од повеќе институции зависно по која основа е поднесено барањето. Кога ќе ги прибере сите тие податоци на крајот го издава решението, така што штом е отпочната постапката таа постапка и ќе заврши, рече Спасовски одговарајќи на новинарско прашање по посетата на Општата болница Куманово.
Министерот за внатрешни работи воедно апелираше на трпение при постапката за добивање државјанство.
-Мислам дека треба да имаме трпение. Ако немало основ 30 години да се добие државјанство, мислам дека за месец – два не е проблем да се почека за да се добие државјанство, нагласи Спасовски.