Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и новоизбраната директорка на Регионалната иницијатива за миграција, азил и бегалци – Регионален Центар МАРРИ во Скопје, Снежана Трајановска, на денешната средба ја потврдија долгогодишната успешна соработка и изразија подготвеност за продолжување на соработката во иднина.
Како што информираат од МВР, Спасовски на средбата изразил задоволство од тоа што нашата држава преку МАРРИ Регионалниот Центар прераснува во вистинска контакт точка за регионот на Западен Балкан, со уверување дека поддршката што Министерството за внатрешни работи му ја дава на овој Центар ќе продолжи и во иднина.
На средбата министерот Спасовски упати честитки до директорката Снежана Трајановска, посакувајќи и успех во работата на новата позиција и заеднички реализирани проекти.
Од страна на директорката Трајановска беше изразена благодарност до министерот за континуираната поддршката кон МАРРИ иницијативата и нејзината подготвеност за продолжување на соработката и во иднина.
Трајановска на средбата го брифираше Спасовски за тековните активности кои се одвиваат во рамки на МАРРИ и приоритетите кои се во план да се реализираат.