Oдносите на државно рамниште меѓу Македонија и Бугарија се на добро ниво, рече министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, во гостувањето на ТВ Шења. Во врска со нападите врз клубовите, Спасовски нагласи дека државата и власта се тие кои што треба сѐ да направат тие тензии да стивнат.

-Покажавме со мојот колега, министерот за внатрешни работи на Бугарија во тој период дека интензивната соработка, праќањето на заеднички пораки може да ги спласне тензиите. За одбележување е пораката која мојот бугарски колега Иван Демерџиев ја прати од Скопје, дека ја поддржува и македонската држава и македонскиот народ. И тоа е пораката која што е официјална политика на Бугарија. Исто како што и ние го поддржуваме градењето на тие добрососедски односи. Е сега дали постојат сили коишто посакуваат не само Cеверна Македонија, туку повеќе држави од регионот да го напуштат тој европски пат, да не се дел од НАТО Алијансата и да ги одржуваат т.н. замрзнати конфликти – да, постојат! Добрата геостратешка позиција отвора многу перспективи за нашите држави, ама отвора и многу ризици, посочи Спасовски.