Безбедносната состојба во земјава е мирна и не може да ескалира како резултат на протестите против францускиот предлог, вели министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.

Според него, точни се тврдењата на претседателот Стево Пендаровски за вмешаност на странски агенти, но во овој момент министерот не сакаше да сподели информации со јавноста бидејќи ќе се загрозела нивната идентификација.

Инаку, полицијата направи биланс за бројот на повредените од седумдневните протести во Скопје. Повредени се вкупно 54 полицајци, двајца од нив потешко, но надвор од животна опасност.

За мотивот за инцидентот на 6 јули на плоштадот Скендербег, Спасовски го демантираше лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски, кој рече дека лицето коешто се појавило со огнено оружје имало намера да го убие Мицкоски.

Според Спасовски, целиот случај е расчистен со тоа што се уапсени сите инволвирани лица во инцидентот. Во меѓувреме, 22 лица се уапсени за нарушување на јавниот ред и мир и поттикнување општа опасност. Од нив 15 добиле кривични пријави, 12 се во притвор, а пријави има и против тројца малолетници