Ефикасното организирање на секаков вид соработка е незаменливо средство за јакнење на безбедноста на секоја земја, а со тоа и на регионот во целина, заклучија министрите за внатрешни работи на Северна Македонија и Словенија, Оливер Спасовски и Боштјан Поклукар на денешната средба во Порторож, одржана на маргините од Министерската конференција  во рамки на „Брдо процесот“.

Како што соопшти МВР, Спасовски упати благодарност до својот словенечки колега Поклукар за топлиот пречек и истакна дека особено му е драго што повторно ќе имаат можност да соработуваат и дека посветено ќе продолжат да работат на прашања од заеднички интерес како за двете министерства за внатрешни работи, така и за нашите две пријателски земји.

– Како што и самиот знаете, регионов и натаму се соочува со  многу безбедносни предизвици од кои би ги издвоил недозволената трговија со дрога, борбата против тероризмот и радикалниот екстремизам, финансискиот криминал и сите видови на организиран криминал, што пак нам како министри ни налага непосредна и блиска соработка помеѓу нашите две министерства како на билатерално, така и на регионално ниво. Приоритет и фокус несомнено и во периодот што следи како во регионов, така и во европски рамки, е миграцијата, односно нелегалната миграција за која што говоревме и во рамки на оваа средба на министри на земјите од „Брдо процесот“, истакна Спасовски.

Тој го информираше Поклукар дека на 19 април 2023 година формално започнува првата операција на Агенцијата на ЕУ за европска и крајбрежна стража во земјава (Фронтекс), за што во изминатиов период имаше интензивна размената на информации и договарања меѓу претставниците на Фронтекс и МВР, а на 20 април  во Скопје по тој повод е предвидена и свечена церемонија.

Спасовски и Поклукар изразија искрена благодарност за колегите од граничните служби на земјава, на државите од регионот, но и на земјите од ЕУ, меѓу кои беа и словенечките полициски службеници, кои со сплотена соработка и преку заедничката операција за засилен надзор на јужната граница на нашата држава постигнаа одлични резултати во справувањето со илегалната миграција и криумчарењето мигранти.

Министерот Спасовски, исто така, го информираше својот колега дека годинава сме домаќини на 50. Европска регионална конференција на Интерпол, што ќе се одржи од 8 до 10 мај во Охрид, одбележуваме и 30 години од зачленувањето во глобалната криминалистичка организација, па одржувањето на Конференцијата го конципиравме и споивме и со прославата на Денот на полиција – 7 мај и лично го покани министерот и негова делегација да присуствува она вие настани, кои се од голема важност за државата и за МВР.

Спасовски се заблагодари за целокупната поддршка што Министерството за внатрешни работи на Словенија и ја пружа на земјава на билатерално и на меѓународно ниво изминатиов период, особено во нашите напори за европска интеграција.

– Од страна на министерот Поклукар беше изразена благодарноста за одличната соработка помеѓу двете МВР, а беше прифатена и поканата на министерот Спасовски да ја посети Република Северна Македонија, согласувајќи се со премисата дека секоја заедничка средба носи силна порака на сигурност за сите граѓани, се додава во соопштението.