Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски изјави дека подобро е да се воведе полициски час, отколку да има оптоварување на здравствениот систем.
-Одлуките што мораме да ги донесеме никој не ги посакува, меѓутоа тие се резултат на однесувањето на сите нас. Ако не ги почитуваме препораките, ако не носиме заштитна опрема, ако се групираме и правиме настани коишто со сигурност значат ширење на вирусот, тогаш државата во еден момент мора да изреагира. Јас не би сакал да прејудицирам, ќе разговараме на Влада, ќе видиме која ќе биде крајната одлука, кој ќе биде габаритот на таа одлука, како и на кој начин ќе се реализира, меѓутоа како и да е таа мора да се реализира и почитува. Подобро е пократко време да имаме рестриктивни мерки, отколку да имаме целосно оптоварување на здравствениот систем – изјави Спасовски.
Предлогот за кој Владата ќе одлучува на денешната седница е полицискиот час да трае две недели во периодот од 22 до 5 часот. Мерката би требало да започне од утре.