Одговорно тврдам дека ова раководство на Министерството за внатрешни работи, откако сум јас на чело на истото, има нулта толеранција за секаков вид криминал, без разлика кој е сторителот, вели министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.
-И вашето прашање исправно е формулирано – во минато време, кога бевме сведоци на селективност во борбата против криминалот на роднинска, партиска, национална, верска или друга основа… Меѓутоа, пак ќе повторам, тоа време е завршено! За нас важи правилото – кој сака и од каде сака нека биде, ако згрешил пред законот и пред правдата, тој ќе одговара. Нема настан за кој полицијата не постапувала и не поднела соодветна пријава. Дека не постојат „заштитени зони“ покажавме и со редовните контроли по населените урбани или рурални места, каде МВР постапува врз основа на изготвени анализи и планови, истакнува министерот Спасовски во интервју за „Топ-њуз.мк“, одговарајќи на прашањето дали полицијата прави селекција на криминалците по национална основа.
Тој упати порака до сите граѓани, дека „нема да отстапиме од нашата намера да ги гарантираме мирот и безбедноста на секој еден граѓанин на територијата на Република Северна Македонија“, одговарајќи на прашањето за оперативната акција „Безбеден град“.
– „Безбеден град“ е една опсежна оперативна активност, насочена кон криминалните структури, а со цел да спречиме закани, уцени, продажба на наркотици и оружје и слично. Таа дојде како продолжение на минатогодишниот оперативен план „Безбедно лето“, што даде видливи резултати, што беше мотив повеќе да ја продолжиме борбата со овие предизвици и со акцијата „Безбеден град“, со која досега се лишени од слобода околу 150 лица. Со оваа активност ќе продолжиме и во наредниот период, за да застанеме на патот на сите оние коишто мислат дека криминалот ќе им се исплати, истакна Спасовски.