Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски на неговиот фејсбук профил објави дека денеска учествувал на седница на Управниот одбор на Стопанската комора на Македонија -Турција (МАТТО), на која меѓудругото, од страна на претседателот на МАТТО Ајдован Адемоски бил информиран за активностите на МАТТО, во која членуваат реномирани домашни и компании од Република Турција, како и за актуелните случувања во ресорната област.

– Како комора која постои веќе 15 години, нејзините активности главно се насочени кон продлабочување на традиционално добрите економски односи меѓу двете земји, зголемување на меѓусебната трговска размена и на инвестициите. Од посебно значење за развојот на билатералната економска соработка со пријателска Турција се сериозните инвестиции како резултат на привлечните услови за инвестирање во државата, кои го поттикнуваат развојот на домашната економија, придонесуваат за отворање на нови работни места, воведување на нови и напредни технологии, а со тоа и подобар стандард и благосостојбата на нашите граѓани, напиша на фејбук министерот Спасовски.