Во одговор на новинарско прашање дали бугарскиот европратеник Ангел Џамбаски ќе биде вратен назад, ако се појави на границата за да присуствува на одбележувањето на годишнината од раѓањето на Гоце Делчев на 4 февруари, министерот Оливер Спасовски одговори дека за тоа ќе одлучува тогаш.

– Ќе одлучиме на 4 февруари, нагласи Спасовски

На прашањето зошто не се прифатени предлозите за прогласување на непожелни личности, Спасовски беше дециден дека врвен приоритет ќе биде да се сочува, мирот, стабилноста и јавниот ред заради тоа што тоа не е добро и за политичките односи внатре во државата и помеѓу соседите.

– Знаеме дека имаме радикални структури кои заради некакви лични, политички и секакви други интереси, сакаат да се нарушува тој процес на стабилизација на односите од една страна. Од друга страна заради тоа што никако не смееме да дозволиме да се наруши и безбедноста на нашите граѓани, изјави министерот за внатрешни работи.

Спасовски меѓу другото информира дека МВР работи заедно со Агенцијата за национална безбедност и со безбедносните служби во размена на податоци и на информации и врз основа на тие податоци и информации, ќе носи одлуки во секој поглед. Според него, сите тие податоци и информации, што беа дадени се дел од анализите што се прават, а за секоја одлука треба да има и време и момент кога ќе биде донесена.

– Прво и основно заштита на мирот и безбедноста и најважно заштита на нашиот национален интерес, идентитет, нашето право на самоопределување и на достоинството на македонскиот народ и на македонските граѓани, изјави Спасовски.