За платформата #Деполaризирајсе, која е дел од проектот „Преку деполаризација до демократски, стабилни и вклучувачки институции: Придонес на граѓанското општество“, Институтот за медиуми и аналитика ИМА разговараше со министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски.
По првиот дел од интервјуто посветен на функционирањето на демократските институции, реформите во јавната администрација и меѓуресорската соработка, како и за борбата против организираниот криминал и корупцијата, во вториот дел од разговорот, министерот Спасовски одговара на прашања за дигиталната трансформација во МВР, за хибридните закани и дезинформациите, како и справувањето со говорот на омраза и сајбер-малтретирањето.
Спасовски: Дигиталната трансформација е високо на агендата на ова раководство на МВР
ИМА: Има ли конкретни резултати од политиките на МВР за дигитална трансформација, за побрзи услуги до граѓаните и за поефикасна полиција? Кога ќе се дигитализираат постапките и документите за странци (од дозволи, документи, до евентуални прекршочни казни)?
Спасовски: Секако дека дигитализацијата, дигиталната трансформација е високо на агендата на ова раководство на Министерството за внатрешни работи (МВР), заради тоа што доколку успееме сите активности коишто ги преземаме да вродат со плод и да таа интероперабилност биде функционална помеѓу институциите, дотолку повеќе ќе имаме навистина и подобра услуга за граѓаните во овој дел.
Ја споменав платформата на МВР која што нуди, на пример, евиденција на матичниот број на лицата, податоци на каталог за оружје, податоци за моторни возила, за државјанство итн. Сето тоа е во порталот за електронски услуги на граѓаните. Факт е дека овде треба да се промовира многу повеќе оваа услуга. Да апелираме до граѓаните да бидат корисници на порталот за услуги, за да можат и на еден дигитален начин ова да го завршат, на тој начин да помогнеме сите ние во услугите на граѓаните.
Кога зборуваме за МВР, ќе го споменам ИКТ-центарот во Прилеп како една од клучните стратешки инвестиции, коишто ги направи МВР со поддршка на Европската Унија. Тоа е податочен центар во Прилеп, којшто практично има за задача да ги обезбеди сите електронски податоци, не само на министерството, туку да понудиме такви услуги и на другите институции во државата. Така што, сет на активности коишто ги преземаме и во делот на прашањето коешто го спомнавте, за дигитализација на процесот за странци, тоа го работиме заедно исто така со многу меѓународни партнери – сето тоа се активности коишто придонесуваат и кон јакнење на капацитетите на министерството.
На пример, ќе го споменам проектот за пролиферацијата на малото и лесно оружје, проектот којшто го реализираме заедно со ОБСЕ. Суштината на овој проект е да дигитализираме процеси преку коишто ќе се води електронска евиденција на влезот и дистрибуцијата на малото и лесно оружје во Република Северна Македонија. Нешто што е исклучително важно, којшто проект го работиме повеќе од три години. Денеска можеме да видиме колку овој проект и оваа наша предвидливост, би рекол, на настаните е важна кога станува збор за контролата на малото и лесното оружје, ако ги имаме во предвид случувањата во регионот.
Спасовски: Хибридната војна предизвикува несогледливи последици по државите
ИМА: Има ли МВР системски пристап во борбата против дезинформациите и другите хибридни закани?
Спасовски: Креирањето на дезинформациите, лажните вести, хибридната војна која што се води во светот не кај нас, предизвикува несогледливи последици по државите. Мислам дека, сега дури станавме свесни колку е важно да изградите систем којшто може да има брз одговор на ваквите закани, систем кој што може да биде отпорен. И мислам дека војната во Украина, руската агресија врз Украина, овие хибридни закани, хибридни напади, ги зголеми, меѓутоа, и на сите нас ни покажа дека многу повеќе треба да вложуваме во заштита на инфраструктурата, пред се во критичната инфраструктура. Зошто? Заради тоа што се покажува дека можат да бидат поразорни, дури и од конвенционалните војни.
И, во таа смисла, МВР во континуитет работи на две полиња, од една страна јакнење на капацитетите, материјално-техничките ресурси, и второ, на човечките капацитети. Заради тоа што ова е материја, ова е систем којшто мора да се надоградува. Вие денеска ако правите добар систем за електронска заштита, не значи дека тој после шест месеци ќе биде релевантен за таа заштита. И тоа е нешто што веќе заеднички со поддршката на НАТО, меѓутоа, и на нашите партнери, го работиме во однос на утврдувањето на состојбата во којашто се наоѓа системот за заштита, како да се спротивставиме на лажните вести, како да изградиме механизми коишто можат да одговорат брзо на сајбер-заканите, или сајбер-нападите во институциите, и секако, репресивниот елемент игра значајна улога. Така што, кога зборуваме за говорот на омраза, кога зборуваме за друг вид на криминал кој што е направен практично преку електронски пат, е многу важно да имате ефикасна борба против овој вид на криминал и да сторителите бидат изведени пред лицата на правдата.
Спасовски: Се чувствуваат видливи резултати во однос на справувањето со говорот на омразата
ИМА: Каква мерки презема МВР за заштита на жртвите на говор на омраза, на загрозување на сигурноста по разни основи и на сајбер-малтретирање?
Спасовски: МВР, заедно со Јавното обвинителство, работиме интензивно и можам да кажам дека се чувствуваат видливи резултати во однос на справувањето со говорот на омразата. Зошто ова го укажувам? Заради тоа што имавме состојба во која што недоволно имаше капацитет да биде препознаен говорот на омраза, ниту во институциите за спроведување на законот, ниту пак во правосудните органи, односно јавното обвинителство и судството – и, на крајот, и во јавната свест кај граѓаните. Тоа е еден процес којшто заеднички мораме да го подигнеме на едно повисоко ниво. Резултатите во овој момент, врз основа на Кривичниот законик и утврдените кривични дела коишто произлегуваат од ваквите криминални активности, дозволуваат или отвораат простор за да може да се преземаат низа на мерки.
Тој процент на пријави, на реализации се зголемува, би рекол, од месец во месец, што покажува дека и јавната свест во овој дел расте – затоа треба сите да се вклучиме: институциите, и јавноста, невладиниот сектор, медиумите, да допринесеме во кревањето на јавната свест, и да покажеме дека навистина мораме заеднички да се бориме против говорот на омраза. Затоа што говорот на омраза создава многу други проблеми, општествени, коишто можат да бидат една сериозна закана за сите нас.
Разговорот го водеше Петрит Сарачини на 27.06.2023 година.
#демократски_институции #institucione_demokratike #democratic_institutions #CivicaMobilitas