Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски утрово, во комплекс клиниките Мајка Тереза, во Одделот за торакална хирургија, го посети припадникот на Единицата за брзо распоредување, кој се здоби со повреди за време на спасувачката потрага по алпинисти на Шар Планина минатата недела.

Како што објави Спасовски на неговиот фејсбук профил, станува збор за еден од поискусните колеги со 24 годишно искуство, старешина, командир на вод, кој доброволно се пријавил во спасувачката потрага да се спаси човечки живот.

– Огромно признание и почит до колегата, како и до сите кои учествуваа во спасувачката потрага – екипи на МВР од ЕБР и САЕ „Тигар”, СВР Тетово, кои со специјални теренски возила и хеликоптер се упатиле на посоченото место на Шар Планина каде што извршија прифаќање и извлекување на колегата и алпинистите. Благодарност и до Центарот за управување со кризи и ТППЕ Тетово, како и до медицинските лица за укажаната нега, напиша Спасовски на фејсбук.