Во Спортскиот центар „Јане Сандански“ во Скопје денеска министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски го отвори 22. Традиционален меморијален турнир во мал фудбал, во чест и сеќавање  на загинатите припадници на македонската полицијата во 2001 година и настаните во Куманово во 2015 година и  загинатите припадници на Армијата на Република Северна Македонија во 2001 година.

На меморијалниот турнир, кој што а во коорганизација на МВР и на Министерството за одбрана и Здружението „Херои на Македонија 2001-2015“учествуваат 10 екипи составени од припадници на Армијата, полицијата, семејствата на загинатите бранители и Агенцијата за млади и спорт. Меморијалниот турнир е ко-организиран од Министерството за одбрана и здружението „Херои на Македонија 2001-2015“.

Спасовски во своето обраќање истакна дека традицијата e вредност, длабоко вткаена во човековото постоење.

-Вредност  што не` зближува едни со други, што ја дава онаа важна нитка на благородна почит што им помага на спомените да останат – бесмртни. Овој меморијален  турнир „Херои на Македонија“ што денес се одржува 22 година по ред, ја има токму таа возвишена цел: повторно да не’ собере  и сите заедно да се присетиме на ликот и делото на луѓето што некогаш беа со нас, се радуваa и тагуваа заедно со нас, кои храбро и достоинствено ги положија своите животи за нас, за татковината -нашите другари, соборци и колеги од македонските безбедносни сили, истакна Спасовски.

Оддавајќи им должна почит на сите загинати припадници на безбедносните институции на Република Северна Македонија, но и на нивните најблиски, чијашто загуба останува вонвременски ненадоместлива, министерот Спасовски порача дека никогаш не смееме да заборавиме кому и што им должиме.

-Тој долг не обврзува постојано да тежнееме и да бидеме подобри, почовечни, достојни и непокорни, искористувајќи ја најдобро што се може шансата што ни е дадена и која почива на највредното нешто – човечките животи!, рече министерот Спасовски.

Притоа, тој во свое лично име и во име на припадниците на Министерството за внатрешни работи оддаде почит на загинатите припадници од редовите на Министерството за внатрешни работи и Министерството за одбрана на нивните семејства, при што го изрази своето лично, длабоко, уверување дека спортскиот и меморијален дух на оваа наша традиционална манифестација, се најдобриот влог што ќе  овозможи нејзина долговечност – негувајќи го името „Херои на Македонија“.

Покрај министерот Спасовски, свое обраќање имаше и државниот секретар при Министерството за одбрана, Владимир Анчев, кој изрази почит кон споменот на загинатите припадници на Армијата и Полицијата и сочувство до нивните семејства.

-Спортот нè зближува, го поттикнува нашиот натпреварувачки дух и е достоен начин за да го одржиме сеќавањето за нивниот влог. Нашите херои секогаш ќе останат запаметени по своите дела и вечно ќе живеат во колективната меморија на сите наши граѓани, а нивните дела се инспирација која што нè води напред, рече Анчев, додавајќи дека наша должност е да направиме се за да го зачуваме мирот и да продолжиме да целиме кон подобра иднина, иднина која ќе биде просперитетна за сите.