Раководствата на министерствата за внатрешни работи и за здравство денеска одржаа работен состанок, на кој биле презицирани термините и постапката за отпочнување на вакцинацијата на полициските службеници, особено на оние кои се директно изложени и учествуваат во борбата за спречување на ширењето на пандемијата со коронавирусот.
На состанокот, како што информираат од МВР, меѓу другото е истакната и потребата од заедничка средба со верските лидери во земјава, во пресрет на престојните рамазански и велигденски празнувања.
Министерот за здравство Венко Филипче потврдил дека вакцинацијата продолжува според националниот план за вакцинирање на приоритетните групи, а во оваа фаза започнува вакцинацијата на повозрасната група граѓани.
Со оглед на влошувањето на епидемиолошката состојба во земјата, на средбата, се вели во соопштението, е утврдена и потребата од приоритетно вакцинирање на сите полициски службеници.
Министерот Спасовски потенцирал дека Министерството за внатрешни работи е подготвено со своите логистички, медицински и инфраструктурни капацитети да учествува во реализацијата на овој процес.
Работната средба е одржана во МВР, на покана на министерот Оливер Спасовски.