Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во гостување во Дневникот на Сител ТВ кажа дека пред се граѓаните ќе бидат во придобивка од членството во Европската унија, а потоа и Министерството за внатрешни работи.
– Придобивката пред се ќе биде за граѓаните и тоа е стратешка цел. Тоа е нашата референтна точка од којашто нема враќање назад и нема компромис во однос на тоа. И ние треба да направиме се за да влеземе во преговори со ЕУ. Зошто е важно, бидејќи низ тој процес на преговори со ЕУ европските вредности ќе бидат дел од работењето на институциите, секако тоа ќе биде и дел на работењето и на МВР, кажа Спасовски.
Тој додава дека влезот на нашата земја во ЕУ ќе допринесе секој граѓанин на нашата земја да се чувствува свој на своето.
– Важно е низ процесот на преговарање, низ воведувањето на таквите вредности коишто се европски кои сите ние ги посакуваме да дојде до промена или јакнење на јавната свест и нашето размислување да биде токму во тој правец на европски вредности, европски идеали кои се базираат на демократски општества, кои се базираат на една солидарност, на слобода итн. тоа е нешто што е потребно за секој еден граѓанин да се чувствува свој на своето овде во нашата Северна Македонија, додава Спасовски.