Според министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, лажните дојави за бомби се во најмала рака монструозен чин. Тој вели дека овој чин веројатно е дел од хибридните напади на кои сме изложени како држава.

-Ќе се анализира дали причините се политички, геостратешки или пак бизнис интереси. Протоколите налагаат вакво постапување, мора да се направи контрола, исто како и за дојавите во автобусите на ЈСП, кои го блокираа јавниот превоз во градот, рече Спасовски во гостувањето во „Вин-вин“.

Спасовски додаде дека во оваа фаза МВР ги знае мејловите и знае од каде се пратени.

-Затоа напорно работиме заедно со нашите партнерски служби, за да дојдеме до сторителот на едно вакво дело. Претпоставките се во неколку правци, но сите капацитети на располагање во државата се ставени во функција, како и капацитетите на партнерите. Ние имаме атак како што имаше и во окружувањето. Вонемиреноста и неспокојот на децата и родителите, но и наставниот кадар се недозволиви, истакна министерот за внатрешни работи.