Министерството за внатрешни работи на Северна Македонија и Министерството за безбедност на Босна и Херцеговина во последните години остваруваат континуирана и успешна соработка со несмален и силен интензитет, оценија на денешната средба во Скопје ресорните министри Оливер Спасовски и Селмо Цикотиќ.

На почетокот од средбата, како што соопшти МВР, Спасовски му се заблагодари на колегата Цикотиќ за прифатената покана да биде гостин во Министерството за внатрешни работи, како и да присуствува на Министерската конференција, што денеска и утре се одржува во Скопје во коорганизација на МВР и Канцеларијата на Меѓународната организација за миграции (ИОМ).

– Интерес на Министерството за внатрешни работи на Република Северна Македонија е унапредување и продлабочување на билатералната и оперативна соработка со Министерството за безбедност на Босна и Херцеговина, изразена, меѓу другото преку заложбите за подобрување и развивање на регионалната соработка, особено на полето на организираниот криминал, како и успешното спроведување на имплементациските протоколи на Конвенцијата за полициска соработка во ЈИЕ, но и заедничкото учество во регионалните иницијативи, рече министерот Спасовски.

Тој ја потенцираше меѓусебната меѓународната оперативна соработка која се остварува преку сите меѓународни и регионални канали на полициска соработка и истата е на високо професионално ниво, што подразбира брза, квалитетна и ефикасна размена на оперативни сознанија.

Во насока на справувањето со илегалната миграција, Спасовски потсети дека на 26 октомври оваа година земјава го потпиша Договорот со ФРОНТЕКС, за што Цикотиќ му упати срдечни честитки. Воедно, Спасовски информираше за миграциските текови, како и за состојбата на јужната граница. Во однос на бројките со илегалната миграција, министерот Спасовски го нагласи трендот на зголемување за 29,2 отсто на обидите за илегални преминувања во земјава изминатите девет месеци од 2022 година.

На крајот од своето обраќање, Спасовски изрази надеж за продолжување на соработката и во иднина со можност таа да се прошири и на многу други полиња, што беше споделено и од неговиот колега Цикотиќ.

– Ќе се согласите со мене дека реализирањето на важни активности во областа на меѓународната соработка во борбата против криминалитетот е од голема важност за зачувувањето на безбедноста на двете земји, како и за безбедноста на нашите граѓани, со оглед на тоа дека меѓународната полициска соработка зазема сè позначајна улога во сферата на меѓународната соработка за спречувањето на криминалот, и тоа како класичните, така и современите облици на криминал, потенцира Спасовски.