Први мај е ден кој има огромно значење за работниците, како од аспект на економскиот и социјалниот статус за кои се изборија, така и за придонесот со кој го движат светот напред, наведува министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во честитката по повод 1 Мај – Меѓународниот ден на трудот.

– Настаните кои се случија од другата страна на Атлантикот, започнувајќи со барањата на работниците за 8 часа труд, 8 часа рекреација, 8 часа одмор, а кои кулминираа со штрајк во 1886  на работниците во Чикаго во кој, за жал, имало и жртви, претставуваат симбол за почитување на трудот на секој подеднакво. До ден денес, во знак на почит кон жртвите на чикашкиот штрајк, но и како манифестација на солидарноста со работниците во целиот свет го одбележуваме овој ден, а нивните барања ги одбележуваме како највисоки вредности на едно цивилизирано и современо општество, вели Спасовски.

Тој посочува дека Владата е длабоко свесна дека посветената работа на работниците претставува темелот на општеството и затоа безусловно се грижи за создавање еднакво општество за сите.

– Како резултат на тоа ја решивме историската неправда кон стечајните работници – 12.000 лица, најголем дел од мое Куманово, се обесштетени со месечен надоместок од 8.000 денари до пензионирањето, потенцира Спасовски.

Од аспект на МВР, вели Спасовски, се заложивме за севкупно подобрување на социјалниот и  економскиот статус на полициските службеници, на создавање професионални услови за работа со реконструирани 80 објекти, набавени нови униформи и опрема, исплата на 5 бонус плати, а за скоро време и 6-та бонус плата.

Според него, сето тоа во насока на максимата „Мотивирана полиција – безбедни граѓани”, која, како што вели, донесе високи резултати во гарантирање на безбедноста на граѓаните и државата.

– Во оваа прилика, ја изразувам мојата искрена благодарност до сите пожртвувани работници, до колегите полициски службеници, до припадниците на Армијата, здравствените, просветните, градежните и комуналните работници, сите кои работат кон функционално стопанство и кои ги одржуваат виталните дејности на нашата држава. На сите граѓани им го честитам 1 Мај, Денот на трудот, посакувам во здравје и благосостојба да ги поминат празничните денови – и, секако, заедно да работиме кон понатамошен прогрес на општеството, додава Спасовски во честитката.