Бегалецот Игор Спасов, кој се бараше со потерница за издржување на казна затвор за убиството на Мартин Нешкоски, никогаш немаше да биде откриен дека се крие во Софија ако неговата девојка не го пријавувал во бугарската полиција за насилство.
Министерството за правда побарало од Основниот суд Штип, кој во октомври 2019 година издаде наредба за распишување потерница за Спасов, да ја достават комплетната документација за враѓање на Спасов во Македонија.
„СВР Штип на 28.10.2019 година го извести судот дека Спасов е недостапен на органите на прогонот, по што веднаш е доставена согласност за издавање на потерница за територијата на Република Северна Македонија. Ден подоцна штипската полиција го извести судот дека Спасов ја напуштил земјата и побара и доби Изјава со која судот изјавува дека во случај на пронаоѓање на лицето ќе побара негова екстрадиција, а ова потребно заради распишување на меѓународна потерница по осудениот.“, велат од Основен суд Штип за ТВ24.
Спасов беше во бегство над две години, а обвинителството во ноември 2019 година отвори предистражна постапка за да открие дали тој со лажни документи се преправал дека е болен со цел да избегне одењето во затвор и на крајот на побегне.
Бугарските медиуми известуваат дека Спасов не давал отпор при апсењето и дека полиција истражува кога и како влегол во Бугарија од Турција и проверуваат дали жената што го пријавила насилството знаела дека живее со човек кој се бара за убиство од страна на Интерпол.
Спасов е осуден на 14 години затвор за убиството на Мартин Нешкоски што се случи на плоштадот „Македонија“ во Скопје на прославата на победата на ВМРО-ДПМНЕ на парламентарните избори во 2011 година.