Еден од најпознатите албански адвокати и поранешен министер за правда, Спартак Нѓела излезе со посебен предлог за „двете албански држави Косово и Албанија“, објавија албанските медиуми. Преку објава на Фејсбук побара обединување на војските на Косово и Албанија, бидејќи, според него, модерна и силна обединета армија е историска потреба за Албанците и таа почнала да се создава и многу брзо ќе оди напред.

-Албанците мора да бидат воено подготвени против Србија: Србија е родена од ништо, создадена од криминал врз Албанците и ја искористи, не својата моќ, туку моќта на европските држави кои беа во борба со Арберија и албанизмот, најмалку 200 години пред Србите“, пишува тој.

Нѓела беше министер за правда во владата за национално помирување во 1977 година, пратеник во два мандата 2001/2005 и 2005/2009 од редовите на демократите, од кои се оддели во 2008 година и ја формира партијата Закон и правда.

Сличен став, но за целосно обединување на „двете албански држави“ деновиве изнесе албанскиот политички аналитичар и поранешен носител на значајни функции, Бен Блуши според кого настаните што се случуваат во Украина и напорите за воспоставување нов меѓународен поредок може да им помогнат на Косово и Албанија да се обединат.

Тој оценува дека Косово има само еден излез од неволјите на една многу мала земја, без море, со скромна економија, со многу емиграција и со толку голем граничен притисок од сите страни а тоа е да се приклучи кон Албанија.

-Ова би било спас за Косово и секако за Албанија. Поголема земја со 5 милиони жители, со море и со дијаспора од речиси 3 милиони, која би била поттикната од националното единство, би била моќна земја, а не само почитувана. И не само на Балканот. Ако Донбас и Луганск се приклучат на Русија, зошто Косово да не и се приклучи на Албанија, напиша Блуши.

Според него кога Русија бара независност, за Донбас и Луганск, две украински територии со мнозинско руско население, како пример го „зема насилното отцепување на Косово од Србија“.