Ракометната репрезентација на Шведска се пласира во финалето на Светското првенство во Египет откако во првото полуфинале ја совлада Франција со 32:26 (16:13).

Швеѓаните со оваа победа дојдоа до моќност да се борат за петата титула светски шампион, додека Французите останаа без можност да јуришаат по седмото злато (1995,2001,2009,2011,2015,2017).
Иако на Мундијалот пристигна без дури девет ракометари, Швеѓаните одиграа фантастично на првенството и најдоброто го зачуваа за крај. Токму против Франција го одиграа најдобриот натпревар досега и сосема заслужено добија шанса да играат за титулата.

EPA-EFE/KHALED ELFIQI

Во првото полувреме кое „трите круни“ го добија со 16:13 блескаше голманот Андреас Паличка кој имаше дури 11 одбрани, додека на спротивната страна од теренот, нападот функционираше беспрекорно и со леснотија создаваа вишок на крилните позиции.

На стартот од второто полувреме, Франција се закани, дојде до негатива од два гола (18:16), но тоа беше се што направија, Швеѓаните благодарение на Паличка брзо создадоа предност од четири гола која ја одржуваа до крајот на натпреварот.

EPA-EFE/KHALED ELFIQI

Одлична партија имаше левото крило Хампус Ване кој постигна 11 гола, додека од десната крилна позиција, Даниел Петерсон даде шест гола.
Кај Франција која настапи без Нгесан и Лука Карабатиќ, најефикасен беше Дескат со пет и Ремили со четири гола.

Во недела Шведска ќе има можност да се бори за својата петта титула, а интересно е што последен пат светски шампион стана токму на Мундијалот во Египет во 1999 година.
Противникот на Швеѓаните во финалето ќе биде подобриот од второто полуфинале меѓу Данска и Шпанија кое се игра вечерва.