Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ), со мнозинство гласови ја отфрли како неоснована жалбата на бизнисменот и поранешен вицепремиер за економски прашања, Кочо Анѓушев, за сторијата на Истражувачката репортерска лабораторија за мазутот.
„Во документарниот филм ‘Заговор против воздухот’ на Истражувачката репортерска лабораторија – ИРЛ, емитувана на Македонската Радио Телевизија на 16 мај 2021 година, не се прекршени етичките и професионални стандарди. Комисијата за жалби утврди дека жалбата е НЕОСНОВАНА и со мнозинство гласови одлучи дека нема прекршување на Кодексот на новинарите на Македонија. Членовите на Комисијата не најдоа доволно елементи за да констатираат неточно и нефер известување, незастапена втора страна и пристрасност и неурамнотеженост во информирањето“, се вели во одлуката на СЕММ што ја донесле на седницата одржана на 31 мај.
Комисијата, најнапред, заклучила дека се работи за документарен филм од исклучителен јавен интерес, кој обработува сериозна тема поврзана со квалитетот на нафтата и нафтените деривати кои се користат во земјава, а кои негативно влијаат на аерозагадувањето и на здравјето на граѓаните.
„Се работи за обемно и аргументирано истражување, кое побуди огромен интерес во јавноста и воедно експресно ги предизвика институциите да ги проверат наводите дека мазут со сомнителен квалитет бил увезуван во државата. Содржината е повеќестрана и опфаќа значајни аспекти на темата. Авторите презентираат широк спектар извори на информации, од документи и архивски материјали, преку ставови на низа релевантни надлежни институции до наоди и податоци кои произлегле како резултат на истражувањето. Став на Комисијата е дека епилогот од сторијата е евидентен и дека новинарскиот производ одговорил на клучните прашања – дали се увезувал опасен мазут, кој е патот на нафтениот дериват и фирмата што го увезувала и каде се сѐ користел за употреба. Авторите, отвораат оправдани дилеми и прашања во насока дали и кој знаел, а можеби ‘замижувал’ на целиот случај и дали во заднина се крие евентуална злоупотреба на моќ“, се вели во образложението на одлуката на Советот за етика.
Во однос на самата жалба, поднесена од Анѓушев, кој во најголем дел реагира дека не му била овозможена „втора страна“, Советот за етика оценува дека тој е јавна личност, истакнат македонски бизнисмен и поранешен вицепремиер за економски прашања, профил кој подлежи на потенцијално силен јавен надзор.
„Новинарската слобода вклучува и искажување на гледишта до степен на претерување, дури и провокација, сѐ со цел да поттикне јавна дебата на конкретна тема, нешто што документарецот ‘Заговор против воздухот’ успеа да го оствари“, се вели во одлуката на СЕММ.