Советот на Општина Карпош заседаваше по четврти пат, при што советниците расправаа и полноправно одлучуваа по 10 точки кои се најдоа на денешниот дневен ред. На самиот почеток од седницата, градоначалникот Сотир Лукровски ги информираше советниците во врска со случајот со труење на основците од „Димо Хаџи Димов“.
„По оваа несакана случка, Општина Карпош веднаш презеде серија итни и координирани мерки, за заштита на здравјето и безбедноста на учениците и персоналот во училиштето. Во таа насока, претставници од Општина Карпош од самиот почеток се во постојана комуникација со надлежните институции, поточно со Агенцијата за храна и ветеринарство, Државниот санитарен и здравствен инспекторат, Институтот за јавно здравје и Јавното претпријатие „Водовод и канализација“ – Скопје“ – посочи Лукровски.
Првиот човек на Општината наведе дека надлежните институции во врска со овој случај реагираа веднаш, земајќи примероци од храната, водата и работните површини во училиштето.
„Паралелно со случувањата, Општината обезбеди услови за спроведување на сите превентивни, редовни и вонредни мерки во училиштето, при што на 28 ноември беше спроведена вонредна дезинфекција на целиот училишен објект“ – информираше Лукровски.
Инаку, во текот на минатата недела, Институтот за јавно здравје ја информираше јавноста дека причина за труењето се грам-негативни бактерии од групата Enterobacteriaceae (ЕНТЕРОБАКТЕРИИ), пронајдени во мусаката што ја консумирале децата. Исто така, откриено е присуство на фекални бактерии на три чешми во училиштето. Во исто време, ЈП „Водовод и канализација“ изврши вонредни проверки и земање примероци од училница и кујна. Според нивните резултати, водата во училиштето е санитарно исправна и е во согласност со сите барањата од правилникот за безбедност и квалитет.
„Сакам да ве информирам дека случајот внимателно и посветено го следиме од самиот почеток. Целта ни беше да не шириме паника и да не оставаме простор за ширење на дезинформации и шпекулации, па од тие причини чекаме да добиеме официјални информации од анализите. По добивање на целосниот извештај од надлежните институции кои ги спроведуваат анализите, Општина Карпош ќе ги преземе сите потребни мерки и чекори во рамки на нашата надлежност. Ве уверувам дека безбедноста на децата и нивното здравје се наш апсолутен приоритет и токму поради тоа во иднина ќе продолжиме со засилени хигиенски мерки, инспекциски надзори и унапредување на стандардите во сите основни училишта во Карпош“ – образложи градоначалникот Сотир Лукровски.
Поддршка од советниците доби и дополнителната точка, односно Предлог – Одлуката со која основното училиште „Димо Хаџи Димов“ ја прифаќа донацијата од Владата, поточно од Министерството за животна средина и просторно планирање. Станува збор за донација во вид на прибор за тестирање по природни науки, кој ќе биде ставен на располагање за потребите на учениците и наставниот кадар од оваа училишна установа.
Текстот Советот расправаше за труењето во „Димо Хаџи Димов“, Лукровски најави засилени хигиенски мерки во училиштата и инспекции е превземен од МАКФАКС.























