Парламентарното собрание на Советот на Европа денеска усвои резолуција за поддршка на европската перспектива на Западен Балкан, повикувајќи на нов поттик во процесот на проширување на ЕУ и барајќи од Западен Балкан веднаш да се справи со клучните предизвици со кои се соочува.
На пленарната седница во Стразбур за усвојување на резолуцијата гласаа 134 пратеници, тројца беа против, а тројца беа воздржани.
Во резолуцијата усвоена денеска се наведува дека зајакнувањето на демократската отпорност и почитувањето на владеењето на правото и човековите права, промовирањето на помирувањето и добрососедските односи, како и создавањето услови за посилен економски и социјален напредок во регионот претставуваат геостратешка инвестиција во мирот, стабилноста и демократска безбедност за цела Европа.
Парламентарното собрание на СЕ, како што е наведено, цврсто верува дека помагањето на Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Северна Македонија, Србија и Косово да ги исполнат нивните аспирации за поблиска европска интеграција е важно не само за тие земји, туку и за Европа, и дека тоа ќе биде од придобивките на европските граѓани.
Се потсетува дека од самитот во Солун во 2003 година, посветеноста на проширувањето постојано ја потврдуваат лидерите на ЕУ и на Западен Балкан, но дека со текот на времето се намалува политичкиот момент и ентузијазмот на јавноста. Во исто време, се повеќе луѓе во регионот, особено младите, се песимисти за изгледите за влез во ЕУ.
„Европската визија го губи својот сјај. Наместо тоа, повторно се појави етно-национализам, што е многу загрижувачки развој во регионот каде што спектарот на насилство е сè уште голем“, се наведува во резолуцијата.
Понатаму се наведува дека „императив е Западен Балкан да остане во фокусот“.
ПССЕ бара да се даде нов поттик на процесот на проширување на ЕУ, а од Западен Балкан се бара веднаш да се справи со предизвиците, како што се поларизираната политичка клима, сериозните проблеми во владеењето на правото и доброто владеење кои негативно влијаат на независност и непристрасност на судството и функционирањето на јавната администрација прашања поврзани со правата на националните малцинства и малцинските заедници, проблеми со слободата на медиумите и сопственоста на медиумите.
Исто така, се посочува дека се неопходни поголеми напори со цел зајакнување на помирувањето, како и ангажман на граѓанското општество.
Се наведува и дека Советот на Европа треба да ги удвои напорите за да му помогне на Западен Балкан да постигне опиплив и мерлив напредок во исполнувањето на критериумите за проширување на ЕУ.