Работната група за визи на Советот на Европската унија за првпат дискутираше за либерализација на визите за Косово. Чешкото претседателство со Советот на ЕУ, во писмата што ги испрати до земјите-членки, порача дека на овој состанок сака да види дали има соодветна поддршка од делегациите на земјите-членки да се придвижи кон одлуката за либерализација на визите за Косово. Делегациите кои учествуваат на оваа дискусија, која е од работен карактер и е затворена за јавноста, веќе имаат пред себе писмо од Европската комисија во кое детално се споменуваат резултатите на Косово во исполнувањето на критериумите за визна либерализација.
За прв пат Европската комисија, препорача визна либерализација за Косово во 2018 година. Исто така, ЕК во средата на 12 октомври преку годишниот извештај за напредокот потврди дека препораката за укинување на визите за Косово останува на сила и дека државата ги исполнила сите критериуми. Во моментов во Брисел не сакаат да споменуваат временски рок кога може да се заврши процесот на визна либерализација. Но, доколку има договор на земјите-членки, тогаш ќе започне дискусијата меѓу трите институции на ЕУ – наречен тријалог – Советот, Парламентот и Комисијата.