Советникот на косовскиот премиер Аљбин Курти, Евис Хоџа, смета дека ако меѓународниот фактор во рамките на дијалогот за нормализирање на односите меѓу Косово и Србија, инсистираа на формирање на заедницата на српските општини во Косово, тогаш тоа ќе поттикне слични барања и кај други заедници во регионот. Хоџа смета дека прва на удар ќе биде Северна Македонија, каде албанската заедница може да излезе со слично барање за заедница со албански општини објавувајќи карта на која може да се протегне таквата заедница.
„Според Движењето Унитети ова е картата на заедницата на општините со албанско население во Северна Македонија. Оваа карта станува актуелна по инсистирањето на Ескобар“, пишува Хоџа на неговиот Фејсбук профил.
Тој смета дека вината за зголемување на тензиите во регионот треба да ја сносат тие што предлагаат формирање на српска заедница на Косово.
„За последиците треба да размислат тие што предлагаат таква заедница. Затоа што 700 илјади Албанци во Македонија се 14 пати повеќе од Србите во Косово“, пишува Хоџа.
Според него, можно е Албанците од Северна Македонија да го следат примерот на Србите преку поставување барикади на патишта да ја принудат владата во Скопје да прифати заедница на албански општини.