Советниците на СДСМ во Град Скопје бараат од претседавачот на Советот да свика вонредна седница на која градоначалничката Данела Арсовска ќе реферира за финансиската состојба на Град Скопје како и за многу други прашања меѓу кои и за јавниот превоз. Лилјана Божиновска од СДСМ, вели дека со Градот лошо се менаџира што е резултат на неспособноста на ВМРО ДПМНЕ и на Арсовска.

И покрај нашите напори, не успеавме да стапиме во контакт со претседавачот на Советот на Град Скопје, Трајко Славески, за да го прашаме дали планира или не да свика вонредна седница. Од СДСМ изразија загриженост и за состојбата со јавниот превоз, бидејќи велат дека добиле голем број поплаки од граѓани кои веќе 8 месеци страдаат од хаосот.

Оваа недела треба да се вратат во оптек автобусите на приватните превозници и конечно да се нормализира јавниот превоз. Барем така пред неколку пати ветуваше градоначалничката Данела Арсовска, која тврди дека се решени сите проблеми со приватните превозници. Сепак, приватните автобуси не беа во оптек ниту денеска.