Новата претседателка на Судскиот совет Павлина Црвенковска исклучува политички влијанија и вели дека е таму каде што е поради нејзиниот професионален и личен интегритет, а не затоа што во одреден период од нејзината кариера работела како советничка во владата на СДСМ и ДУИ, додека премиер беше Владо Бучковски.
-Мојата работна кариера во разни периоди ме носела на различни места. Во одреден период точно е дека сум работела во органи на управа, покрај тоа што 25 години сум работела во правосудните органи. Не сум била член на извршна власт, бев државен советник. Грубо е да се инсинуира дека поради тоа што во одреден период од мојата кариера сум работела во органи од управата, јас сум тука каде што сум. Тука сум затоа што поседувам личен морален интегритет, големо професионално искуство посебно во правосудните органи, од основен до апелациски суд, сум била и адвокат“, рече Црвенковска која ветува дека ќе направи сè за да исклучи какво било политичко, но и бизнис-влијание врз членовите на Судскиот совет.