Луѓето за пост најчесто се решаваат од верски причини, но тоа не значи дека мора да чекате некој празник за да се ставите на овој посебен режим на исхрана, кој е сосема здрав ако правилно се спроведува
Постот подразбира воздржување од месо и од животински производи. Но, некогаш луѓето од незнаење се плашат да се стават на овој посебен режим на исхрана, бидејќи сметаат дека може да им наштети на здравјето. За да бидете сигурни дека здраво постите, потребно е да се придржувате на неколку основни правила, кои ќе ви овозможат здраво и лесно прочистување на организмот од штетните и наталожени токсини.
Не претерувајте со белото брашно
Продуктите од бело брашно во принцип не се полезни. Поради ограничувањето за јадење одредени видови храна во тек на постот, луѓето најчесто се насочуваат кон печива и тестенини, направени од бело брашно. Сето тоа од причина што овие пченични производи не се забранети во постот. Сепак ограничете го нивното користење, и изберете производи од интегрално брашно, кои се покорисни. Или изберете други брашна кои се одлична замена на пченичното – спелтино, оризово, хелдино и други видови брашна.
Заборавете на белиот шеќер
Друг ризик е претерувањето со слатки, кои содржат рафиниран шеќер. Тој всушност е еден од најштетните производи што треба да се избегнуваат и во период кога не сте на пост или диета. Во постот за да си ја задоволите желбата за благо, може да се случи почесто да посегнете по храна што го содржи белиот шеќер. Затоа, ако имате потреба од нешто слатко, изберете мед, овошје или здрави слатки направени со кафеав шеќер.
Зголемете го внесувањето зелен лиснат зеленчук
Ограничувањата во исхраната во тек на постот доведува до дефицит на некои важни минерали и елементи во организмот. Најчест недостиг што може да се добие е на железо, витамини од Б-групата, калциум и магнезиум. Зеленолиснатите зеленчуци можат да ви помогнат во тоа, бидејќи се богати токму со овие елементи. Затоа спанаќот, копривата, марулата, кељот, блитвата и сл., се задолжителни на вашата трпеза. Ако додадете и други зелени зеленчуци, како брокула, зелје и др., нема да погрешите.
Грав и други варива
Добро е на менито да имате изобилство од зрнеста храна како грав, грашок, леќа, соја, наут и сл., освен ако немате некој здравствен проблем или, пак, нетолерантност на некој од нив. Инаку, по содржина на протеини зрнестата храна е најблизу до месото, затоа во тек на пост е негова одлична замена. Содржи витамини од Б-групата, како и висок процент на растителни влакна и минерали. Зрнестата храна има низок гликемиски индекс, малку калории и не содржи глутен.
Изборот на храна со која лесно ќе го поминете постот и ќе се чувствувате здраво и поубаво е голем, а комбинациите што можете да ги направите се неограничени.