Претседателот на Бугарија Румен Радев за денеска свика состанок на Советодавниот совет за национална безбедност. Како што соопшти прес-службата на претседателот, темата е „Интеграција на Западен Балкан во ЕУ. Улогата на Бугарија во проширувањето на ЕУ и во процесот на стабилизација и асоцијација: Република Северна Македонија и Албанија“.
Премиерот Кирил Петков пред Народното собрание на Бугарија деновиве изјави дека ставот на Бугарија за преговарачкиот процес за Република Северна Македонија не е променет, туку ќе биде надграден со работа на пет работни групи за изнаоѓање решенија за прашања како што се инфраструктура, економија, историја и култура.
Радев ги поздрави намерите на бугарската влада да биде активиран дијалог, од како што рече, заемен интерес меѓу двете држави. Радев повтори дека уставните гаранции за македонските Бугари, запирањето на говорот на омраза и прекинување на, како што рече, процесот на дебугаризација само ќе помогнат да се забрзаат работите и да може Бугарија да ја отвори вратата за преговори за зачленување на Република Северна Македонија во Европската унија.