Меѓувладината мешовита комисија за заштита на националните малцинства меѓу Северна Македонија и Хрватска денеска во Скопје гп одржа петтиот состанок.
Како што соопшти Министерството за надворешни работи, копретседавачите на состанокот – заменик-министерката за надворешни работи Фатмире Исаки и Звонко Милас, државен секретар во Државниот уред за Хрватите надвор од Хрватска, го поздравија конструктивниот пристап на двете страни за заштита на националните малцинства.
– Заклучивме дека двете страни придонесуваат во развојот и подобрувањето на соработката во оваа сфера, свесни за значењето на зачувувањето и промоцијата на јазичната и културна разноликост во секоја од државите. Како и на претходните, и на денешната средба разговорите се одвиваа во духот на пријателство и заемно уважување, што е резултат на фактот што и Северна Македонија и Хрватска имаат многу позитивен однос кон малцинските прашања, истакна Исаки.
Копретседавачот од Хрватска, Милас, изјави дека на состанокот усогласиле се што може да придонесе за потребите на граѓаните.
– На петтиот состанок во Скопје направивме работи за кои сме сигурни дека ќе придонесат за подобро секојдневие на Хрватите во Република Северна Македонија, што се докажува преку заемната високо-мотивирана желба. Записникот го усогласивме многу брзо. Се усогласивме за се што може да придонесе за потребите на нашите граѓани, рече Милас.
МНР информира дека на денешниот состанок е потпишан договор за соработка меѓу националните телевизии на Северна Македонија и Хрватска – МРТВ и ХРТ.