Лидерот на партијата Граѓанско Демократска Унија, Петар Колев, на својата официјална facebook страна сигнализираше за проблем кој што се појавил на нашата граница со возилата со бугарски регистрации на кои на сопствениците не им било дозволено да влезат на територијата на РСМ.
„Додека целиот свет е обединет и бара начин да се стави крај на војната во Украина и ја осудува агресијата на Кремал, се обидува да помогне на бегалците, македонското Министерство за внатрешни работи, заедно со царинската управа решија да се пресметаат за пореден пат со бугарските граѓани кои живеат во Македонија. Неколку денови по ред стотици луѓе сигнализираат дека со нивните сопствени возила, кои се на бугарски регистерски таблички, не им е дозволено да влезат во РС Македонија. Вклучително неколку сопственици на правни субјекти, вработени во правни субјекти во соседна Бугарија, не им се дозволува со службените возила, кои се сопственост на соодветниот правен субјект да влезат на територијата на РС Македонија“, пишува Колев.
Тој додава дека како образложенија на сопствениците им се дадени за наводни царински прекршоци, измислени распоредби на МВР и Царината, документи за одјава на адресна регистрација во Македонија и ред други разнородни приказни.
„Образложенијата се за наводни царински прекршоци, измислени распоредби на МВР и Царината, им се бараат документи за одјава на адресна регистрација во Македонија (со други зборови документ дека не живеат во Македонија) и ред други разнородни приказни. Должен сум да споделам- на ниту еден од тие граѓани не му се дава официјален писмен документ зошто не може да влезе во РС Македонија“, пишува Колев.
Претседателот на ГДУ истакнува дека некој деструктивен елемент решил да се изживува со Бугарите и бугарските граѓани во Македонија и дека на бегалците од Украина иако никоја земја не им направила проблем на границите само на границата на РСМ им било побарано зелен картон.
„На фонот на обидите на сите прогресивни и про-европски сили во Македонија да најдеме решение на проблемите со соседна Бугарија, некој деструктивен елемент решил да се изживува со Бугарите и бугарските граѓани во Македонија.Знам дека некој дебелокож чиновник, политичар, началник или слично ќе ми објасни дека сето тоа е по Устав и Закон, но сум должен да ги потсетам истите дека бегалците од Украина кои дојдоа во нашата земја поминаа неколку граници, но само ние им побаравме зелен картон за нивните возила-каква шизофренија само?! Не би сакал да мислам дека некој во Скопје, со потекло од Куманово, кој на оваа етапа е министер за внатрешни работи на нашата држава, а срцето и душата му се некаде околу сплавовите во Белград, продолжува да си мисли дека може да ги малтретира Бугарите и бугарските граѓани во Македонија. Осознавам дека пред очи на сите оние длабоко скриени деструктивци им се гледа можноста за решавање на спорот со Бугарија и започнување на преговори со ЕУ и се спремни на сè, апсолутно сè, да ја уништат оваа шанса. Но, се обраќам до прогресивниот дел од македонската влада и македонското општество, земете мерки и расчистете ги тие мрачни сили од вашите редови, ние македонските Бугари и државјани на Бугарија немаме намера повеќе да ги трпиме“, пишува претседателот на ГДУ.
Петар Колев ги советува сите сограѓани на кои што не им е дозволено да влезат со нивните возила на територијата на РС Македонија, да бараат од службеникот официjален документ во кој треба да пишува зошто не е дозволено да влезат и за овој проблем да ја известат бугарската амбасада во Скопје.
„Почитувани сограѓани, на вас на кој што не ви е дозволено да влезете со вашите возила на територијата на РС Македонија, барајте од службеникот што не ви дозволува официjален документ во кој треба да пишува зошто не ви е дозволено да влезете. Доколку не сакаат да ви издадат таков документ, барајте да ви се легитимира службеникот и земете ги неговите податоци. Би ве посоветувал да го известите за тоа и дипломатско-конзуларно претставништво на Р. Бугарија во Скопје, опишете детално што се случило, кој е службеникот што ви забранил влез и ако ви издадат документ испратете го и него кон објаснувањето на следните е-маил адреси: [email protected], [email protected], [email protected]“, напиша Петар Колев, претседател на ГДУ.