Разрешен секретарот на град Скопје, Зоран Глигоров, а на негово место доаѓа Наталија Митовска. Таа е сопруга на сопственикот на Инфомакс, Александар Митовски, онлајн медиум каде што градоначалничката Данела Арсовска е речиси постојана гостинка.
Воедно, во септември месец оваа година „Фокус“ објави дека Наталија Митовска имала хонорарен договор со Град Скопје. Односно според документите со кои распола „Фокус“, една од надворешните соработници со кои склучила договор Арсовска е Наталија Митовска, сопственичка на продукцијата „Трипл Диџит Продакшн“, која од Град Скопје е ангажирана да го реализира проектот „Ритам на чаршијата“ во вкупна парична вредност од 22.764 евра во времетраење од една година.Според договорот, додека трае проектот, Митова ќе добива по 55.000 денари на месечно ниво.

Во соопштението од Град Скопје за Митовска се вели:
-Митовска била носител на високи раководни функции во Владата на Р.Македонија.
Од 1998 година работи како советник на потпретседателот на Владата, а од 2000 до 2002 била помошник министер за внатрешни работи задолжен за меѓународна соработка и европски интеграции.
Митовска била и советник на генералниот директор на ЕЛЕМ од 2015-2019 година во период кога претпријатието ги бележеше најдобрите економски и оперативни резултати, има искуство во приватниот сектор со високи извршни позиции, како и работа како асистент професор по политички науки.
На позицијата секретар на градот Скопје доаѓа како професионалец кој може значително да придонесе кон работата на градската администрација и реализација на проектите од програмата За модерно Скопје.