Советот на СОНК донесе едногласна Одлука за Генерален штрајк кој што ќе започне на 11 Април. Вчерашните преговори завршија без предлог од страна на Владата.
Инаку, вчера премиерот Димитар Ковачевски, заменик-претседателот во Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции Фатмир Битиќи, министерот за образование и наука Јетон Шакири и министерот за финансии Фатмир Бесими, се сретнаа со Самостојниот синдикат за образование, наука и култура (СОНК), предводена од претседателот Јаким Неделков во која учествуваа и членови на Советот на овој синдикат.
Од Владата велат дека на средбата се разговараше за барањата на СОНК и на истата е донесен заеднички заклучок дека Владата е отворена за континуиран дијалог со цел изнаоѓање одржливи и системски решенија кои ќе постават рамка која ќе го заштити стандардот и интегритетот на наставниот кадар, а со акцент на стартната позиција врзана со социјалниот статус на вработените во воспитно-образовниот систем како основ за понатамошните разговори.
Од СОНК бараат усогласување на платите во образованието согласно покачувањето на минималната плата, односно линеарно покачување на останатите плати.