Фудбалерот на Тотенхем, Сон Хеунг-Мин по Светското првенство во Катар би можел да ја продолжи кариерата во Реал Мадрид. Британските медиуми пренесуваат дека Реал веќе стапил во контакт со Сон и неговите менаџери. Трансферот би можел да се реализира по завршувањето на Мундијалот, а најдоцна во зимскиот преоден рок.
Репрезентативецот на Јужна Кореја има договор со клубот од Лондон до јуни 2025 година, а британските медиуми истакнуваат дека вредноста на играчот на Тотенхем е околу 75 милиони евра. Сепак, челниците на лондонскиот клуб не сакаат да го продадат Сон за помалку од 100 милиони евра. Сон (30) е член на Тотенхем од 2015 година, а претходно играше за Леверкузен и Хамбург. За лондонскиот клуб одигра 341 натпревар и постигна 136 голови.
Сон ќе ја предводи селекцијата на Јужна Кореја на СП што ќе се одржи од 20 ноември до 18 декември. Јужна Кореја ќе игра во групата Х со Гана, Португалија и Уругвај./Makfax