Откако во петокот Народното собрание на Бугарија го одобри документот познат во јавноста како „француски предлог“ за деблокада на европскиот пат на Северна Македонија, а вицепремиерот задолжен за европски прашања Бојана Маричиќ и министерот за надворешни работи Бујар Османи ги поставија „црвените линии“ на земјава за прифаќање на овој нацрт-документ, бугарскиот премиер во оставка Кирил Петков вчера порача дека „Скопје сега има избор за својата иднина“.
Петков во интервју за Бугарското национално радио (БНР) изјави дека откако Бугарија го одобри предлогот сега останува на властите на земјава да решат за својата иднина. – Скопје сега има избор за својата иднина, Бугарија не може да носи одговорност за сите, изјави Петков, додавајќи дека со прифаќањето на „францускиот предлог“, Софија успеала да ги заштити своите национални интереси.
Тој нагласи дека ако земјава се согласи со предлогот на Париз, ќе треба да ги вклучи Бугарите во Уставот пред да го почне преговарачкиот процес со ЕУ. – Имаме јасни контролни механизми за говорот на омраза и дискриминацијата. Имаме многу јасни дефиниции за историските факти и образованието во училиштата во Северна Македонија, тврди Петков.
Вицепремиерот Маричиќ и шефот на дипломатијата Османи во петокот порачаа дека Северна Македонија ќе го прифати предлогот на француското претседателство за старт на преговорите со ЕУ доколку во преговарачката рамка не биде проблематизирано прашањето за македонскиот јазик и не бидат вклучени историските прашања и доколку почетокот на преговарачкиот процес не биде врзуван со внесување на Бугарите во Уставот.
Она што во јавноста излезе како „француски предлог“, всушност е работната верзија на преговарачката рамка и други заклучоци што се доставени до земји членки во кои има „загради и прашања“, бидејќи во тие делови станува збор за прашања за коишто Северна Македонија и Бугарија не успеале да изградат усогласен став.
Османи истакна дека негов личен став е оти „францускиот предлог“ би станал прифатлив, доколку од предложената преговарачка рамка се исклучи засега неусогласениот протокол од втората македонско-бугарската Меѓувладина конференција, која се уште не е одржана и доколку се промени планот за динамиката за промена на Уставот, односно стартот на преговорите да не се условува со вклучување на Бугарите во Преамбулата.
Софија инсистира прво да се изврши вклучување на Бугарите во Уставот, па дури потоа да се свика втората меѓувладина конференција со која официјално би почнале преговорите на земјава со ЕУ. Нашиот став пак е процесот за вметнување на Бугарите во Преамбулата на Уставот, како една од заедниците во земјава, да се случи до завршување на преговарачкиот процес, а преговорите официјално да почнат со првата меѓувладина конференција, со образложение дека одлуката за старт на преговорите е донесена уште на 20 март 2020 година, а сега само треба да се формализира нивниот почеток.
Што се однесува до протоколот, во преговорите меѓу министерствата за надворешни работи на Северна Македонија и Бугарија утврдена е нацрт верзија на тој документ, но засега не е целосно усогласен, бидејќи се уште има отворени прашања. Кога документот ќе биде усогласен треба да го потпишат шефовите на дипломатиите на двете земји и потоа да го одобрат и двете влади. Протоколот треба да содржи одредби за спроведување на Договорот за пријателство и добрососедство со Бугарија, што вклучува и одлуки усогласени меѓу членовите за заедничката Комисија за историски и образовни прашања, односно утврдување на динамика на спроведување на веќе договорени решенија за имплементација од страна на Комисијата.
Дури и да биде усогласен со Бугарија, за земјава е неприфатливо тој протокол за имплементација да стане дел од преговарачката рамка, бидејќи со тоа во процесот на преговори со ЕУ би биле вклучени и историските прашања.
Министерството за надворешни работи на Бугарија, во саботата соопшти дека е подготвено да продолжи со потпишувањето на Протоколот, согласно член 12 од Договорот за пријателство и добрососедство со Република Северна Македонија.
Во соопштението на бугарското МНР се вели дека „е време одговорните фактори во Република Северна Македонија не со зборови, туку со дела, да ја покажат својата посветеност и желба за сопствената и европската иднина на регионот“.
– Брзината со која Република Северна Македонија ќе пристапи кон членство во Европската унија зависи од неа и нема да се одложи доколку земјата ги исполни преземените обврски во однос на европските вредности и добрососедските односи, оцени бугарското Министерство за надворешни работи.