Бугарскиот главен град Софија станува сè поатрактивна туристичка дестинација, привлекувајќи посетители од целиот свет благодарение на богатото културно и историско наследство, природата, добрата транспортна поврзаност и динамичниот урбан живот, јавува БГНЕС, пренесува Трибуна.
Според податоците на Општинското претпријатие „Туризам“ (Visit Sofia), во првото полугодие од 2025 година градот го посетиле над 647 илјади туристи, што претставува раст од 11% во споредба со истиот период лани. Од нив, 61% се странци, а 39% домашни туристи.
Бројот на реализирани ноќевања пораснал за 8%, достигнувајќи 1,45 милиони. Најмногу ноќевања (35%) се остварени во хотели со четири ѕвезди, додека 21% се поделени меѓу хотели со три и пет ѕвезди. Приходите од ноќевањата изнесуваат речиси 174 милиони лева, што е раст од 9% споредено со првата половина на 2024 година.
Најголем интерес покажуваат туристите од Израел, Кина, Турција, Грција и Полска. Најзначителен раст се бележи кај посетителите од Израел (81%) и Кина (24%). Грчките туристи бележат раст од 22%, благодарение на олеснетите патувања по влезот на Бугарија во Шенген-зоната. Посетителите од Турција се зголемиле за 21%, а од Полска за 20%.
„Податоците од Единствениот систем за туристичка информација (ЕСТИ) покажуваат значителен пораст на туристичкиот прилив кон Софија – јасен показател за успешниот развој на туристичкиот идентитет на градот и неговата глобална препознатливост,“ изјави Антон Пенев, директор на ОП „Туризам“ (Visit Sofia).