Лага и манипулација се тврдењата на вицепремиерот и министер за транспорт на Република Северна Македонија, Александар Николоски, дека Бугарија го одбила предлогот за средба во Скопје во врска со Коридорот 8. Ова го изјавија од Министерството за транспорт и врски на Република Бугарија во врска со најновата изјава на политичарот од Северна Македонија, јавува БГНЕС, пренесува Трибуна.
„Министерството за транспорт и врски со жалење, но без изненадување, разоткрива уште една политичка интрига и злоупотреба со конструктивниот пристап на Бугарија. Изјавата на Николоски во парламентот на РСМ дека Бугарија го одбила предлогот за средба во Скопје е лага и манипулација“, категорично наведуваат од Министерството за транспорт.
Од таму потенцираат дека поканата за оваа средба е добиена по предметната изјава на Николоски.
„Бугарија не одби, туку ќе даде одговор откако заедно со ЕК и европските финансиски институции ќе ги добие коментарите на Скопје за документот од техничкиот состанок во Софија, одржан на 31 октомври 2024 година“, појаснуваат од МТС за БГНЕС.
Бугарската страна е категорична дека некоректниот и непрагматичен пристап на Скопје нема да донесе резултат.
„Изградбата на лот 3 е заложба само на РСМ. Бугарија јасно ги посочи своите рокови и обврски за изградба на трасата на нејзина територија. Бугарија заедно со своите партнери ќе остане фокусирана на имплементација на овој стратешки коридор“, потенцираат од бугарското Министерство за транспорт и врски.
БГНЕС потсетува дека министерот за транспорт и врски на Република Северна Македонија Александар Николоски вчера објави дека Софија нема храброст за нова средба во врска со Коридорот 8. Пред парламентот на неговата земја тој тврдеше дека средбата требало да се одржи во Скопје оваа недела, но бугарската страна сакала истата да се одложи . Нека соберат храброст, да дојдат да ја затвориме оваа тема и еднаш засекогаш да ставиме крај на оваа работа“, додаде десната рака на премиерот Христијан Мицкоски.