Светската здравствена организација одлучи да ги нарече верзиите на коронавирусот по букви од грчката азбука, во обид да се поедностави изговорот и да се избегне стигматизација на земјите што го пријавуваат новиот вид.

Така, на четирите варијанти на коронавирус, кои агенцијата на ООН ги смета за загрижувачки и кои во јавноста се општо познати како британски, јужноафрикански, бразилски и индиски, сега добија букви Алфа, Бета, Гама, Делта според редоследот на откривање, Пренесува Ројтерс.

Другите варијанти продолжуваат понатаму по азбучен ред.

СЗО откри нови имиња во понеделникот по критиките дека имињата како B.1.351, 501I.V2 и 20H / 501I.V2, биле премногу сложени.

Изборот на грчката азбука следеше по неколкумесечни размислувања во кои експертите разгледуваа други можности, како што се грчки богови и измислени псевдо-класични имиња, според бактериологот Марк Пален, кој беше вклучен во разговорите.

Историски гледано, вирусите честопати биле поврзани со места за кои се претпоставува дека потекнуваат, како што е еболата, именувана по истоимената река Конго.

Но, ова може да биде штетно за местата и честопати неточно, како што беше случајот со таканаречената пандемија „шпански грип“ од 1918 година, чие потекло е непознато, според агенцијата.

„Ниту една земја не треба да се жигосува за откривање и пријавување на варијанти“, рече епидемиологот на СЗО, Марија Ван Керхов.