Потполно спротивставени ставови во врска со составот, програмата и политиките на новата влада можеа да се чујат денеска од опозициските и од пратениците од владејачките партии.
За опозицијата новата влада ќе биде продолжување на претходната и нејзиниот неуспех. Таа, сметаат, не може да понуди ништо ново со стари и истрошени кадри и нема да биде подготвена да се справи со ниту еден предизвик. Дополнително, велат, таа нема политички легитимитет, а особено мандатарот кој треба да стане премиер, бидејќи не учествувал на непосредни избори. Легитимитетот е изгубен, смета опозицијата, и по тоталниот пораз на власта на локалните избори.
Заеднички став на поголемиот дел од пратениците од опозицијата е дека оваа влада ќе биде влада со краток рок, која брзо ќе се соочи со своите аномалии и оти многу брзо ќе се оди на предвремени парламентарни избори.
За разлика од опозицијата, пратениците од власта сметаат дека новата влада ќе го задржи позитивниот курс на претходната Влада. За легитимитетот, нагласија, одлучија граѓаните на парламентарните избори во 2020 година, а дополнителен плус е зголемувањето на парламентарното мнозинство.
-Оваа влада на Ковачевски е континуитет на корумпираната влада на Заев која граѓаните ја казнија на избори, влада која донесе економско опустошување, континуирана ситуација на дневно поскапување, губење на работни места и економско тонење, рече Александар Николоски од ВМРО-ДПМНЕ на денешната собраниска седница на која се дискутира за избор на нова влада.
На неодамнешните избори, додаде тој, народот жестоко ги порази националните понижувања, корупцијата, неспособноста и економските потфрлувања. Затоа, рече Николовски, Зоран Зоран заминува, иако немаше храброст да ја извади својата партија на соочување со народот за генералниот концепт по кој државата треба да се движи.
Тој истакна дека соочување со народот е потребно, народот треба да каже дали се согласува со овие политики.
-Оваа влада нема решенија за битката со корупцијата, економската и енергетската криза и европските интеграции. Затоа единствено решение за брзи предвремени избори. Сето останато е бегање од народот. Следува пеколен период на соочување со гневот на народот. Промените доаѓаат и ќе се случат побрзо отколку што мислите. Нема да ја поддржиме оваа влада, а следниот период да се гледаме и во институциите, но и надвор на улиците и заеднички да стигнеме до предвремени парлам ентарни избори кои ќе значат промени во Македонија, рече Николоски.
За разлика од него, пратеникот Дарко Каевски од СДСМ смета дека граѓаните на предвремените парламентарни избори во 2020 година недвосмислено, дале поддршка за владејачката коалиција да ја води државата.
-На тие избори СДСМ доби силна поддршка и мандат од легитимитетот граѓаните во наредните четири години да ги спроведе сите оние принципи и мерки за коишто се залагаше во предизборната кампања, а потоа беа преточени во владината програма – економски раст и развој силно вложување во човечкиот фактор, силно вложување во човечкиот ресурс, зголемување на платите и пензиите, подобрување на условите и стандардот на граѓаните…, рече Каевски.
Според него дополнителното зголемување на зголемување на владиното парламентарно мнозинство е доказ дека сите оние политики што биле преземани се правилни и вистински.
Никола Мицевски, координатор на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ истакна дека нема да има никаква разлика меѓу претходната и новата Влада, бидејќи, рече станува збор за исти луѓе и стари кадри, со иста реторика, политика и начин на размислување и практикување на власт.
-Сите обиди да се прикаже новата влада како некаква промена, нова свежина и енергија паѓа во вода во моментот кога ќе ја видите листата за предлози за министри. Новата влада е со иста содржина само во малку поразлично пакување, рече тој.
Мицевски додаде дека оваа Влада која, како што рече е копија на претходната и од самиот старт криво поставена, ќе има краток рок и век на траење. – Брзо ќе се соочи со вистината и сама ќе си ги покаже своите аномалии недостатоци и мани, Многу скоро на површина ќе исплива сета неспособност, криминал корупција и нефункционалност, рече Мицевски.
Пратеникот од ДУИ Арбр Адеми во дискусијата истакна дека не се избира само влада, туку се одлучува дали ќе се даде зелено светло на продолжувањето на развојните проекти и квалитетен живот, на успешното справување со енергетската и здравствената криза и други предизвици и прашања. Се што досега било сработено и постигнато, нагласи, треба да биде стимул да се продолжи да се работи уште подобро и попосветено.
-Да ги заскукаме ракавите заедно и да ја однесеме државата таму каде што припаѓа – во големото европско семејство. Поддршката за продолжување на работата на оваа влада подразбира токму реализација на оваа цел која за нас претставува важна стратешка определба без друга алтернатива, рече Адеми.
Оваа Влада и програмата за работа, смета пратеничката пратеничката Снежана Калеска Ванчева од СДСМ заслужуваат доверба од пратениците затоа што со неа продолжуваат успешните процеси. Новата влада, рече, има целосен легитимитет потврден на парламентарните избори од 2020 година, легитимитет кој дополнително е зголемен преку проширување на парламентарното мнозинство.
Пратеникот Халил Снопче од Алијанса за Албанците, е на линија со другите опозициски пратеници дека новата влада нема што многу и ново да понуди со, како што рече, стари кадри кои или ротирале или ги задржале истите ресори, а не одговарале за скандали, за корупција или за несреќите.
-Ние сме држава со највисока корупција во Европа, а министерот којшто беше одговорен за борбата против корупцијата продолжува да биде во вашата влада. Ние дадовме 200 пасоши на нарко криминали да се движат слободно, загрозувајќи ја шенген зоната имавме разни скандали, Мијалков кога сака влегува и излегува од државата, поранешниот премиер Груевски си замина, господинот Спасовски продолжува да биде министер за внатрешни раобти, рече Снопче.
Дополнително, додаде, сите знаеме дека правосудството не фунцкионира, дека законите не се спроведуваат, дека имаме неказнивост на лицата блиски со власта, а министерот за правда и натаму ќе биде дел од новата влада.
Собраниската седница продолжува по редовната пладневна пауза. Расправата почна денеска, а за изборот на нова влада треба да се гласа најдоцна до утре на полноќ.