Делегацијата на Собранието на Република Северна Македонија во Парламентарното собрание на НАТО, во состав: Драган Ковачки, шеф на Делегацијата и Беким Сали, член, учествуваше на 108. Рос-Рот семинар, што се одржа во Ереван, Република Ерменија на 22 и 23 септември 2025 година, во заедничка организација на ПС НАТО и Ерменскиот парламент и со финансиска поддршка на Женевскиот центар за управување со безбедносниот сектор (DCAF) и Владата на Швајцарија.

На Семинарот учествуваа голем број парламентарци од земјите членки на ПС НАТО и придружните членки, како и од земјите партнери, високи функционери и претставници на меѓународни организации, невладиниот сектор, универзитетите, владите и претставниците на јавното мислење.

Семинарот го отворија Маркос Перестрело Де Васконселос, претседател на ПС на НАТО, Андраник Кочарјан, шеф на Ерменската делегација во ПС на НАТО, Сурен Папикјан, министер за одбрана на Република Ерменија и Андреа Бауман, амбасадор на Швајцарија во Република Ерменија. Како главни воведничари беа Рубен Рубинјан, потпретседател на Парламентот на Република Ерменија и Бурчу Сан, заменик на помошникот на генералниот секретар на НАТО за оперативни активности.

Своите излагања тие ги посветија на актуелните прашања за безбедноста и одбраната од страна на земјата домаќин, заедничките демократски вредности во областа на Јужен Кавказ, како и меѓународниот поредок во овој поглед. Се презентираа моменталните одбранбени капацитети на Ерменија во контекст на обезбедување на безбедноста на граѓаните и нивниот имот, како и преглед на потенцијалните ризици и закани во контекст на безбедносните предизвици кои се од интерес на НАТО.

Парламентарците имаа уникатна можност да разменат мислења и да имаат дискусија за прашања што се однесуваат на: ‘Мировниот договор меѓу Ерменија и Азербејџан: патот напред и преостанатите предизвици; Геополитичката конкуренција и внатрешните предизвици во областа на Јужен Кавказ”; „Ерменија и Јужен Кавказ во светот што се менува: Зајакнување на демократијата и регионалната безбедност“, „Геополитичка конкуренција и внатрешни предизвици во Јужен Кавказ“, „Партнерството на Ерменија со НАТО и Европската Унија“, „Зајакнување на демократската отпорност во Ерменија и пошироко“, „Безбедност и хибридни закани во Ерменија и регионот“, „Економски предизвици и соработка во областа на Јужен Кавказ“ и „Зајакнување на демократското управување со безбедносниот сектор во рамките на партнерските области: предизвици, пристапи и лекции“.

Беа разгледани и прашањата за споделените демократски вредности, меѓународниот поредок базиран на правила и мерките за зајакнување на парламентарните демократии, регионалниот развој и динамика, како и прашањето за политичката ситуација во Грузија и перспективите за решение на моменталната ситуација меѓу Ерменија и Азербејџан.

Текстот Собраниска делегација на 108. Рос-Рот семинар во Ереван е превземен од МАКФАКС.