Претседателот на Собранието, Талат Џафери даде еден час пауза по барање на координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски откако претходно се расправаа околу предлогот – наместо да почне седницата за пратенички прашања која беше веќе закажана, прво да се отвори 36-тата седница на чиј дневен ред се мерките од петтиот економски антикризен пакет.
Џафери повика и на координација додека трае паузата, изнесувајќи го и предлогот седницата за пратенички прашања да се одржи друг ден, утре или во понеделник.
-Ги повикам координаторите на дијалог. За се треба да има договор, но не преку фејсбук, туку преку координација. Еден час и 15 минути потрошивме на процедурално, истакна Џафери.
И Мицевски се согласи дека се се прави со договор, но доколку, како што рече, пратениците бидат навреме известени. Во денешниот случај, укажа, опозицијата била подготвена да ја праша власта каде завршиле парите од торбата „Луј Витон“, чии се парите од ташната на Ден Дончев и каде заврши софтверот на Рашковски.
– Но, не ни дадовте можност. Сега давате нов предлог, седницата за пратенички прашања да биде некој друг ден. Да, се случувало тоа, но со дијалог, разговор, со претходен договор и најава кога има други обврски. Два часа поминаа, кога ќе ја продолжиме седницата кога има полициски час? Свесни ли сте дека во салата има 58 пратеници или ова го правите за театар пред јавноста? Само продолжете вака, но немојте од утре да повикувате на координација, рече Мицевски.
Тој уште еднаш повтори дека е сакндал денешниот предлог на Џафери да не се одржи седницата за пратенички прашања и место неа да се почне со 36. седница.
Пред паузата Мицевски му предочи на Џафери дека прави преседан и дека сака да ја замолчи опозицијата.