Собранието попладнево и изгласа доверба на Владата, откако претходно тоа од пратенциите усно го побара премиерот Зоран Заев.
За доверба на Владата гласаа 62 пратеници, а ниту еден од присутните не беше против.
Гласањето за доверба беше без претходна расправа. Според собранискиот деловник, во случај кога прашањето за доверба на Владата го поставува премиерот усно на седницата на Собранието, пратениците се изјаснуваат на истата седница, без расправа.
Премиерот Заев пред гласањето истакна дека побарал пратениците да се изјаснат за доверба на Владата, по прв пат на ваков начин во парламентарната историја во земјава, за да се разјаснат некои работи што во јавноста ги наметна опозицијата околу владејачкото мнозинство во Собранието.
Опозицијата не присуствуваше на седницата за време на гласањето за доверба на Владата. Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски, пред напуштањето на седницата го обвини парламентарното мнозинство дека нема храброст да дозволи три дена расправа за, како што посочи, да ги кажат сите аномалии на Владата.
Одлуката за изгласување недоверба на Владата, според Усавот и собранискиот деловник, се донесува со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници. Ако на Владата и е изгласана недоверба, должна е да поднесе оставка.
Ако, пак, добие поддршка во Собранието, повторно прашање за доверба на Владата не може да се постави пред истекот на 90 дена од последното гласање за доверба, освен ако прашањето за доверба го постави мнозинството од вкупниот број пратеници.