Собранието на Република Северна Mакедонија на денешната седница го изгласа Законот за забрана на нефер трговски практики во синџирот на снабдување на земјоделски и прехранбени производи. Со Законот се уредуваат условите и начинот како ќе се врши трговија со земјоделски и прехранбени производи. Неговата примена, како што информираат Министерството за економија, се очекува да влијае во намалување на цените на земјоделските и прехранбените производи, а со тоа и на квалитетот на производите.
Како што се наведува во соопштението, прв пат во државата се носи вакво законско решение во кое има наведено 26 нефер трговски практики кои ќе се уредуваат.
-Со овој Предлог на Закон се очекува да се елиминира неоправданиот и непропорционалниот трансфер на економски ризик од еден трговски партнер на друг или да се наметне значителна нерамнотежа на правата и обврските на еден трговски партнер кон друг. Надоместоците кои сега се наплаќаат во договорниот однос меѓу купувач и добавувач, кои надоместоци сериозно влијаат на малопродажната цена на штета на потрошувачите, ќе се сметаат за забранета нефер трговска практика, појаснуваат од Министерството.
Според нив, клучно во овој дел е поголемо приближување и воедначување на националната легислатива, со легислативата на земјите членки на Европската унија. Република Северна Македонија, велат, е единствената земја од Западен Балкан кој ја транспонира оваа Директива на ЕУ, со цел да воспостави фер и рамноправни односи во однос на доминацијата на преговарачка моќ во трговијата помеѓу двајца или повеќе деловни партнери.
Со донесување на Предлог на законот се очекува да се постигнат позитивни ефекти во деловното работење кај сите оператори (купувачи и добавувачи), кои се активни во синџирот снабдување со земјоделство и храна во различни фази на производство, преработка, маркетинг, дистрибуција и малопродажба на земјоделски и прехранбени производи и соодветна примена на забраните на нефер трговски практики во синџирот на снабдување на земјоделски и прехранбени производи. Дополнително, законското решение обезбедува поефикасни контроли и надзор на Комисијата за заштита на конкуренцијата која добива дополнителна надлежност. Комисијата има за задача во првите шест месеци од стапувањето на сила на законот да ги усогласи сите нејзини акти со одредбите на овој предлог и да обезбеди ресурси на технички и технолошки квалификуван кадар за правилна и непречена контрола на одредбите кои се наведени во предлог законот.
Во Законот, исто така, е наведено процентуално колку може да биде максималниот рабат кој може маркетите да го бараат од производителите и добавувачите кои сега надминуваат над 30%-40% од цената.
Со ова решение е предвидена листа на земјоделски и прехранбени производи каде рабатот ќе биде ограничен на 10% и во склоп на тоа ќе конкурираат меѓу себе ланците на супермаркети што ќе влијае во намалување на цените. Комисијата за заштита на конкуренцијата за прв пат добива надлежност да соработува со Европската комисија и телата на земји-членки на Европската унија во постапките за идентификување нефер трговски практики, а особено да разменува информации и искуства за најдобри практики, нови случаи и нови настанати нефер трговски практики, како и мерки за извршување кои се носат во постапка за утврдување нефер трговски практики и давање помош во постапките за утврдување нефер трговски практики кои имаат прекугранична димензија.
Од елат од Министерството за економија потенцираат и дека за непочитување на законските одредби засега во предлог решението се предвидени глоби до 20 000 евра.