Дали потфрлила Агенцијата за национална безбедност во проверка на Украинецот Олександр Онишченко, кој добил македонски пасош и покрај тоа што е на црната листа на САД, ќе се знае за два дена. По втор пат земјава се соочува со скандал на издавање пасоши на „непогодни“ личности, објави Радио Слободна Европа.

Зошто украинецот Олександар Онишченко добил македонско државјанство и покрај тоа што неговото име е на црната листа на САД, одговор во среда на собраниската Комисијата за надзор на работата на Агенцијата за национална безбедност (АНБ) ќе треба да даде првиот човек на институцијата Виктор Димовски.

Порталот Призма во петокот објави дека Владата на крајот на мај годинава му дала македонско државјанство на Онишченко, кој е поранешен пратеник во украинското Собрание, а по него има распишана потерница и е осомничен за перење пари. АНБ и покрај сето ова дала позитивно мислење Онишченко да добие македонско државјанство.

„Директорот Димовски да ни објасни како е можно секој втор белосветски хохштаплер и криминалец да има македонски пасош и државјанство“, напиша на својот Фејсбук профил претседателот на собраниската Комисија, пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Љупчо Пренџов.