Собранието на Република Северна Македонија попладнево ја заврши општата расправа за Предлог – завршната сметка на Буџетот на Република Северна Македонија за 2021 година. Гласањето по оваа точка, како што најави потпретседателот на Собранието Горан Мисовски, ќе биде закажано дополнително.

Како и на расправата во матичната Комисија за финасирање и буџет, во тек на дебатата беа упатени обвинувања за слаба реализација на Буџетот, но и дека намерно се дебатира дури сега за оваа точка за да се предизвика забуна кај проекциите, а во пресрет на дебатата за буџетот за следната година.  Опозициските пратеници, меѓу другото, потенцираа дека 2021 беше година со најмал раст и најниско ниво на инвестиции.

– Минатата година ја завршивме со буџетски дефицит поголем за 11,3 проценти споредено со иницијалниот буџет, Кај капиталните приходи имаме отстачпувањ за 3,9 проценти, а кај капиталните расходи потфрливме за 21,5 проценти. Стапката на инфлација беше планирана на ниво од 2,1 процент, но реалноста покажа дека доживеавме повисока стапка од 3, 4 проценти, рече Лидија Петковска од ВМРО-ДПМНЕ.

Во Предлог-завршната сметка е наведено дека во 2021 година бруто-домашниот производ забележа раст од 4 проценти на реална основа,  во рамки на предвидувањата. По падот од 1,8 проценти во првото тримесечје, економската активност забележа раст од 13,4 проценти во второто тримесечје, проследен со раст од 3 проценти и 2,3 проценти во третото односно четвртото тримесечје.

Според владејачкото мнозинство, растот на домашната економија во 2021 година е одраз на подобрената епидемиолошка состојба и мобилност, поповолното меѓународно опкружување, помалата воздржаност за потрошувачка и владините мерки за поддршка на економијата.

Економскиот раст во 2021 година главно се должи на поволните движења во услужниот сектор, каде активноста е зголемена за 5,2 проценти. Растот во услужниот сектор е на широка основа, придвижен од дејностите трговија, транспорт и угостителство, кои забележаа раст од 14 проценти, следен од информациско-комуникациската дејност со раст од 3,2 проценти. Активноста во индустрискиот сектор е намалена за 1,3 проценти. Сличен пад забележа и земјоделскиот сектор, додека градежната активност се намали за 3,8 проценти. Зголемена е и домашната побарувачка, во услови на закрепната приватна потрошувачка и инвестиции. Приватната потрошувачка се зголеми за 5 проценти, што ги отсликува поволните движења кај дознаките, солидниот пораст на платите, државната помош и кредитната поддршка. Јавната потрошувачка забележа раст од 4,1 процент. Растот на бруто-инвестициите изнесува 9,2 проценти, во услови на зголемени странски директни инвестиции, пораст на увозот на инвестициски добра и на буџетските капитални расходи.

Приливот на странски директни инвестиции имаше забележителен раст, со што ги надмина очекувањата и достигна 4,4 проценти од БДП. Стапката на инфлација во 2021 година изнесуваше 3,2 проценти.

На попладневното продлжение на 79. седница пратениците ги проследија во второ читање Предлог законот за финансиската инспекција во јавниот сектор и Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за гранична контрола.

По гласањето за измените на Законот за гранична контрола, во прво читање, потпретседателот Мисовски ја прекина седницата, а за продолжението најави дека ќе инфорира дополнително.