Собранието, во попладневниот дел од работата по дневниот ред на 34-тата седница, ја заврши општата расправа по Предлог законот за изменување на Законот за социјална заштита, во прво читање, чија цел е да се овозможи услугата лична асистенција да ја користат и деца од шестгодишна возраст со намален функционален капацитет. За законското решение дополнително ќе се гласа.
Со предложените измени се очекува 200 деца со потешка и најтешка попреченост и целосно слепи да добијат услуга на лична асистенција и тоа од 80 часа во текот на еден месец.
Пратеничката Жаклина Лазаревска од СДСМ рече дека станува збор за мала измена на Законот за социјална заштита која многу значи за лицата со попреченост и ќе им овозможи да имаат обучени лични асистенти.
-Во членот 76 од Законот се проширува основот така што и децата со попреченост ќе добиваат услуга на лична асистенција, преку која се обезбедува индивидуална помош и поддршка за вршење на секојдневни активности, заради пристап до образовните институции, центрите за рехабилитација и вклучување во заедницата, рече Лазаревска.
Најави дека наскоро ќе има јавна расправа за да се слушнат ставовите на сите засегнати и додаде дека смета оти може да се постигне добар компромис за ова прашање.
Пратеничката Благица Ласовска од ВМРО-ДПМНЕ, пак, посочи дека како пратеничка група ќе го поддржат предложеното законско решение, но најави дека амандмански ќе интервенираат, бидејќи сметаат дека има уште лица кои нема да бидат опфатени во законот.
Смета дека треба да се опфатат и лицата со аутизам и слепите лица над 55 годишна возраст.
-Претпоставувам дека личните асистенти нема да бидат 200, туку ќе бидат повеќе. Треба да најдеме форма овие луѓе да ги вработиме и конечно проблемот да биде решен и тоа не само парцијално, рече Ласовска.