Младен СРБИНОВСКИ
Божем ненадејно како што почнуваат, така неприлично тивнуваат. И по божемен децениски мир, нашите пизми со разурнувачка сила од “ништо“ бувнуваат. Ненавикнати времето на Балканот да се движи и во моментов ниедна балканска сила да не може да го застане, и сегашниве наши бавни балкански интеграции, сепак, очигледно, се пребрзи за балканските национализми во регион каде што минатото со историските интерпретации ја обликува современоста и му диктира на животот.
Намерно или ненамерно, претходно тајно договорни или не, од молчаливата до скоро Бугарија, веќе секојдневно на плитките и провокатвни коментари, пред се од Каракачанов и Захариева, логично беше да одговори и српската страна со нивно гледање за бугарските “нежности“ во воените премрежија низ балканските простори. И белградскиот професор Симеуновиќ прецизно тоа им го испорача, сликовито набројувајќи ги бугарските “мерки и активности“ низ воените виори. Прискока боцнатата бугарска општественост и реагира со вообичаени балкански постапки: згрозување, отфрлање на наведените напади со контра одговор дека, всушност, такви геноцидни постапки се практика на српската страна, без да се побараат конкретни докази за српските неточности или измислици. Толку, на тоа се останува, а пуштената, па забошотената омраза, од играчка – плачка, ни рие под нозе. Не е писателска несериозна моја вообразија: се мислам при повикувањето на странските амбасади за “дообјаснувања“ по настанати проблеми, двете страни прво се радуваат од постигнатата пакост, па се договараат за новата далавера што им ја подготвуваат на народите. За да не држат вечно скарани.
Ваквите проблеми и нивното ненадминување, според проф. Симеуновиќ, лежат во балканското меѓусебно непознавање и според него, за нивно надминување е потребно отворање на посебни научни институти за Бугарите или за Албанците за подобро соседните народи да ги запознаат. Доброто е учениот на европски начин што го бара проблемот, незадоволителното е што повторно нуди еднонационално, балканско решение.
Во исто време, со свое мислење за македонско – бугарскиот проблем, од Скопје се јави и политикологот проф. Владо Попоски, битна личност во досегашната тридецениска (северно)македонска независност, со порака до јавноста, дека треба да се изнајде компромисно решение за спорот, но со назнака, дека дури од сега па понатаму со Бугарија ќе имаме проблеми. Зашто продолжителни проблеми при решен спор? Попоски е балкански нејасен или не се доискажува. Следуваат проблеми од наше соочување со вистината или со Бугарија.
Пред некоја година, албански интелектуалци отворено ни посочија дека над нив од наша страна е извршен албански геноцид во периодот од 1913 до 1952г., со кое што тврдење ја вџашија севкупната македонска јавност, па и тоа забошотено интелектуално стојалиште се сведе само на уснтно етничките изливи низ омразата околу нас постојано што искри.
Незнаеме дали и ќе го исполнеше, но во своето кратко, тримесечно премиерување со република Косово, Албин Курти како владина програма најави и отварање на досијеата за геноцидот врз Албанците. Повторно добра намера, но теснонационална идеја за голем исчекор од нашиот севкупен балкански осој.
И да не го оптоваруваме сроченово со додатни примери на теснонационални гледања од бошначки, црногорски или грчки гладишта за ѕверствата од Другиот извршени врз нив. Јасна е тенденцијата на еднонационалните балкански расудувања, но барем за една работа заслужуваат пофалба. Сакаат без задршка да зборуваат и за најнепријатни теми, треба да им се овозможи да бидат слушнати, но и низ критички пристап да им се вкрстат фактите.
Лично, не верувам баш сеуште дека ни требаат додатни национални институти за да ги запознаеме соседите. Ни треба заеднички Институт преку Другиот себе си длабинско да се спознаеме. За исчекор напред од балканското вечно дуење на проблемите кон заедничко европското решение за катарзично наше прочистување. Во работата на нашите евроинтеграции кои што бавно, но несопирливо се движат, во работењето на повеќе разбои, покрај инфраструктурно, медиумско, културно и пазарно поврзување, насушно е потребно и ткаењето на заедничката испреплетена шара на нашите бесчестија. Со кои дејствија, најпосле, ќе ја демонтираме експлозивната мина налик од сјајната финалната сцена од босанскохерцеговскиот филмски оскаровец “Ничија земја“ над која сите сме застанати. Уште колку децении ќе сркаме искричава омраза послана на фејсбуци, низ медиуми, по улици, во автобуси…
Потребен е еден заеднички Балкански институт на истириски соочувања и на тој план би рекол уште некој збор. Корона вирусот не научи на можностите за неканцелариска работа и од сегашните национални историски институти по државите на Балканот, со определените по два – тројца поопитни историчари од оваа проблематика нека се формира еден онлајн Балкански историски институт. Европската унија сесрдно би го поздравила и финансиски би го поддржала.
Мал, ефикасен, отворен кон јавноста, ете нека биде неговото седиште и во Косово, најмладата држава на Балканот. Рибата в море, тавата на оган, најмалку имајќи намера во нечија научна компетентност да се мешам, за почеток, на едно место и на интернет само поименично одбележаните жртви и насилства. Колку, кога, каде, од кого. Националните историски институции не дека немаат податоци и не се објавувани, преполни се со документи од она што само Другите го извршиле врз нивниот народ. Цивилни жртви од цивили, од паравоени формации или од регуларни воени сили. И сето на интернет, на едне сајт на Институтот. На видело. Таа почетна работа нема да одземе премногу време.
Од која година да се почне и со која година да се заврши попишувањето, пред се, на цивилните жртви? Покрај останатите методолошки уточнувања, сметаме, најисправно би било од формирањето на првата балканска современа држава ослободена од Турското владеење, од осамостојувањето на Србија, од кога веќе може да се зборува за нова балканска, легална војска со легални војнички обележја, до последниот воен судир на почетокот на овој век меѓу албанските паравоени формации и македонските безбедносни сили.
Доиспразнете ја веќе еднаш “тајната муниција“ на тајните служби кои што кога ќе им притекне, ја активираат за закарување на народите. Доволни се веќе скоро два века од собирање стари хартии за сторената врз нас нечовештина од Другиот и време еднаш целосно да се проветрат мувлосаните шкафови на нашите национални историски архиви и нивно електронско прередување на едно место, во еден Институт.
Во името на сожителството, времето е зрело за ваков опшествено интелектуален потфат и балканската општественост е подготвена да ги види заедно подредени (зло)делата на нашите предци. Бидете сигурни, не ќе се гордееме со нивните “јунаштва“. Потоа од нас граѓаните, следува меѓусебното меѓуетничко и меѓуидеолошко помирување и простување, а од историчарите ќе може да почне втората фаза на покажување и на одредените, поретки моменти низ минатото на меѓусебна меѓунационална кооперација. На тој начин, тој Институт со поширокиот европски поглед кон историското наш балканско минато ќе прејде на взглобување и пишување на една општа, синтетичка испреплетена балканска историја која потоа ќе се учи и во учебниците.
Не чекајте втор пат да ви се рече. Стартувајте.
Младен СРБИНОВСКИ