Солидарен или штетен, за кого корисен а за кого контрапродуктивен, каде всушност и како ги крши правата на компаниите, инвеститорите и акционерите новиот предлог Закон за солидарност. И дали воопшто е солидарен или под закрилата на овој популистички наратив само се прави двојно оданочување на компаниите со што се прибираат значителни средства. И на крај, за што, како и каде владата ги има наменето овие „солидарни“ средства.
Премногу прашања и уште повеќе спротивности и контрапродуктивност има во законот којшто се турка по брза постапка.
Експертите и бизнисмените стануваат се погласни дека Законот за солидарност вака како што осмислен нема да придонесе ништо корисно и за никого. Веќе најдоа многу и суштински пропусти кои се косат и со членови на уставот, но и со законската регулатива за работата на компаниите. Започнувајќи од ретроградното оданочување, двојното оданочување, до мешање во распределбата на добивката и дивидендите како и во спречување на инвестициските планови на компаниите.
Законот на солидарност онака како што владата сега го протуркува низ итна процедура како еднократна антикризна мерка и повикувајќи се на општествената одговорност на компаниите, ќе биде всушност многу штетна мерка која се коси со Уставот но и не е во согласност со Законот за данок на добивка, според мислењето на бизнисмените.
Миле Бошков од Бизнис конфедерација вели дека се носи без претходна подготовка, без јавна расправа и мислење за сите засегнати законски решенија, а токму ваквите решенија се лоши за бизнисите.
Пред се, со воведување на овој закон се прави двојно оданочување на компаниите, и тоа ни помалку ни повеќе туку, 10 отсто според постоечкиот Данок на добивка и уште дополнителни 30 отсто според Данокот за солидарност. И според тоа се коси со членот од Уставот (член 59 став 2) затоа што дополнително ги намалува правата на добивка стекнати врз основа на вложен капитал. Според Бошков, една од суштинските контрадикторности на Законот за солидарност е тоа што не е усогласен со Законот за данок на добивка.
Со член 1 од Законот за данок на добивка е одредено дека со овој закон се уредува начинот на оданочување на добивката, стапката по која се пресметува данок на добивка, даночната основа за пресметување на данок на добивка и роковите за плаќање на данокот на добивка. Стапката на данок на добивка е 10% а според член 7 став 1 од Законот за данок на добивка, основа за пресметување на данок на добивка е добивката што се утврдува во даночниот биланс.
Данокот на добивка е веќе регулиран со Законот за данок на добивка и нема ниту уставен ниту законски основ добивката повторно, дополнително и ретроактивно да се оданочува со нова стапка од 30%. Затоа ваквиот предлог на законот е во спротивност со Законот за данок на добивка, што значи дека неговите одредби се противзаконити.
Освен двојното оданочување, разликата од 10 отсто на уште дополнително 30 отсто е исто така спорна, затоа што не се знае како е дојдено до овој процент.
„Ваквиот закон може многу да ги погоди компаниите и акционерите. Се однесува директно на бизнисот, навлегува во суштината на тоа како функционира бизнисот, без притоа да се побара мислење од бизнис заедницата“, вели Бошков, „тоа ќе се одрази врз инвестициите кои компаниите ги планирале за следната година, затоа што голем дел од парите ќе одат за плаќање на овој данок“, дополнува Бошков.
Сите се едногласни дека, ваквото, непланирано и непресметано одливање на средства влијае врз инвестициските планови на компаниите но и врз нивното тековно работење.
Најважното прашање е зошто кај нас овој закон се наметнува во оваа форма. Се коси со другите закони, со Уставот, со обврските на компаниите, контрапродуктивен. Сигнали и предупредувања стигаат од сите страни а сепак се турка по брза постапка. Кому му оди во прилог ова, кога за бизнисот е штетен, а за граѓаните да имаат корист па да биде вистински солидарен, никаде не е вграден механизам за тоа како ќе се одвива.