Амбасадорот Дејвид Гир, шеф на Делегацијата на Европската Унија и Оливер Спасовски, министерот за внатрешни работи, денеска во Клубот на пратеници во Скопје го означија завршувањето на воспоставувањето и подготовката на системот за радио комуникација ТЕТРА развиен со значителна помош од ЕУ. ТЕТРА е еден од светски применетите стандарди во комуникациските системи, наменет за употреба од страна на полицијата, противпожарните служби, службите за итна медицинска помош и разните спасувачки служби. По петнаесет години имплементација и инвестиција од 22 милиони евра во опрема и вештини, Министерството за внатрешни работи сега може да работи со напредни комуникациски алатки.
Од 2005 година, Европската Унија му обезбедуваше континуирана поддршка на Министерството за внатрешни работи за подготовка и развој на дигиталниот мобилен радиокомуникациски систем (ТЕТРА). Помошта на ЕУ за развој на ТЕТРА се одвиваше во 4 фази во период од 15 години и беше обезбедена во рамките на програмата за интегрирано гранично управување во Северна Македонија. Поддршката од 22 милиони евра од ЕУ овозможи воспоставување на 106 базни станици кои обезбедуваат 93% географска покриеност на територијата на земјата. Во исто време, овие базни станици ќе опслужуваат 10 000 терминали кои ги користат и други институции. Сега, по целосно воспоставување на ТЕТРА, полицијата може поефективно да ја врши својата работа и да обезбеди подобра заштита на граѓаните и полицискиот персонал додека се бори против криминалот или спречува нелегални гранични активности. Со овој систем Северна Македонија останува поврзана со остатокот од Европа во борбата со нелегалните активности долж главните европски коридори и канали.
Дополнително, ТЕТРА ќе стане еден од најважните комуникациски канали на унифицираниот систем за Европски број за итни случаи Е-112, кој треба да биде пуштен во употреба за неколку дена.