Итната медицинска помош – Штип е опремена со нов инвентар. Во денешното писмено соопштение од ЈЗУ Здравствен дом „Панче Караѓозов“ – Штип стои дека станува збор за инвентар, кој е набавен со помош на донации од страна на општествено- одговорни компании, кои изминатиот период донирале финансиски средства, а се искористени за уредување на брзата помош.

-Во изминатиот период пет општествено-одговорни компании на територија на Штип донираа финансиски средства за брзата помош. Станува збор за донации вредни 110.000 денари. Со тие средства, ние го обновивме инвентарот на брзата помош, ги подобривме условите и за пациентите и за вработените, се вели во соопштението.

Здравствениот дом „Панче Караѓозов“ – Штип, во чии рамки е и брзата помош, преку благодарници им се заблагодари на компаниите кои донираа средства.

На Итната помош во Штип недостасува кадар, има четири лекари,12 медицински сестри и девет возачи. Овие бројки се далеку од доволно, но новиот директор со преземањето на директорската функција посочи дека приоритет е вработувањето на медицински и технички кадар, со цел да се задоволат потребите на пациентите од Штип, но и од регионот, бидејќи амбулантски и домашни прегледи има постојано, најмногу за викенди и празници.